„МОЈ БЛИЗОК РОДНИНА ЖИВЕЕШЕ 2 ГОДИНИ ПОВЕЌЕ БЛАГОДАРЕНИЕ НА ДОКТОР ЦРВЕНКОВСКА“ Третманот не се разликуваше од оној што е во обвинението за „Онкологија“, вели Туфегџиќ

Во врска со тоа што вештачењето од Словенија го изготвил лекар што не е евидентиран судски вештак, адвокатот Владимир Туфегџиќ вели дека без оглед на законскиот режим во државите од кои по замолен пат е побарано постапување, ЈО морал да се прилагоди кон законите што важат во Македонија и да инсистира вештачењата да ги направат овластени лица кои се евидентирани во регистрите на судски вештаци.

11,274

Не постојат елементи на крвична одговорност кај мојата клиентка, рече денеска адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е бранител на третообвинетата лекарка, онкологот Симонида Црвенковска во предметот „Онкологија“ во кој таа се товари за кривичното дело Несовесно лекување.

– Одбраната за овој обвинет ја градиме врз основа на она што го упатува медицинското казнено право. Под удар на казненото право се само поведенија кои значат грубо прекршување на медицинските правила, грубо и значително отстапување од протоколите за лекување, што за обвинетата не е случај, ниту такво нешто може да произлезе како логичен заклучок дури и од вештачењата, кои по својата содржина и процесен карактер се проблематични. За овој обвинет вештачењата наведуваат дека начинот на лекување не влијаел и не допринел за влошување на здравствената состојба, што како последица предизвикала смрт кај пациентот, а што всушност е и опис на обвинението за овој обвинет – рече Туфегџиќ.






Понатаму, додаде тој, во текот на постапката ќе го дискредитираме обвинението со наши вешти наоди и мислења.

– Затоа денеска побаравме комплетирање на доказите, бидејќи темелно работиме и недостасуваат истории за 4 пациенти. Имаме добиено истории за 12 пациенти, а мојот клиент се товари за 16 пациенти – рече тој.

Туфегџиќ истакна дека вештачењето од Марибор е изработено од стручно лице кое не е евидентирано во листата на вешти лица во Република Словенија.

– Тој податок, по изготвено барање, го добив вчера. Не држи тезата на ЈО дека на тој дел е исцрпен приговорот со оценката на обвинителниот акт, бидејќи мојот клиент е под режим на обвинителен предлог, што значи дека во тој дел доказите не биле ни предмет на оценка, а повторувам, доказот беше прибавен во текот на вчерашниот ден. Во овој момент бараме податоци и за докторот кој го изготвил вештачењето во Србија, дали е во евиденцијата на вешти лица. На сето ова, без оглед на законскиот режим кој постои во државите од кои по замолен пат е побарано постапување, ЈО морал да се прилагоди кон прописите и законите што важат во Република Македонија и така да постапува, односно, да инсистира вештачењата да ги направат овластени лица кои се евидентирани во регистрите на судски вештаци. Од таа гледна точка, обвинението е манливо, содржи содржински и процесни пропусти кои се од апсолутен карактер – категоричен е Туфегџиќ.

Тој најави дека и тие како одбрана ќе изготват вештачења и тоа медицинско вештачење и и вештачење од областа на фармакологијата, што е битно во контекст на употребата и примената на лековите.

– Само е додадам дека овој предмет за мене лично како бранител не само од правен, туку и од човечки аспект има посебна тежина. Мој близок роднина почина од оваа опака болест и токму овој лекар го лекуваше. По првичната дијагноза му беа дадени прогнози дека ќе поживее уште 6 месеци, а благодарение на третманот, кој не се разликува од ова што ние денеска го имаме како предмет на обвинение, тој поживеа 2 и пол години – рече Туфегџиќ.

На прашање дали очекува брза одлука на судот или долг процес, со оглед дека и одбраната најави вештачења, а несовесно лекување тешко се докажува, тој одговори дела несовесното лекување не може да се подведе како лесно или како тешко.

– Постои наука и медицинско казнено право, кое точно упатува, а и судската пракса тоа го покажува, што значи грубо и значително постапување и прекршување на вообичаените протоколи и медицинскиот третман, а во овој случај такво нешто немаме. Тоа го покажува дури и манливото вештачење, кое е доставено во прилог на теоријата на случај на обвинението – рече бранителот Владимир Туфегџиќ, по првото рочиште во Кривичниот суд за предметот „Онкологија“, во кој четворца лекари се обвинети за Тешки дела против здравјето и за Несовесно лекување.

ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА „ОНКОЛОГИЈА“ ПОРАДИ БОЛЕСТ НА ОБВИНЕТА ЛЕКАРКА Адвокатите го оспорија вештачењето од Словенија, процесот ќе почне на 5 септември

Поврзани содржини