ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА „ОНКОЛОГИЈА“ ПОРАДИ БОЛЕСТ НА ОБВИНЕТА ЛЕКАРКА Адвокатите го оспорија вештачењето од Словенија, процесот ќе почне на 5 септември

Адвокатите истакнаа дека од Министерството за правда на Словенија добие известување дека лекарката која е потпишана на вештачењето на медицинските досиеја на повеќе паценти не е регистриран вештак и побараа Кривичниот суд да го изземе тој доказ од постапката.

1,748

На 5 септември во Кривичниот суд ќе почне судењето за предметот „Онкологија“ во кое првообвинет е поранешниот директор на Клиниката за Онкологија, Никола Васев, како и четворица лекари, второобвинетата Мери Пешевска, третообвинетата Симонида Црвенкова и четвртообвинетиот Драган Јакимовски. Првите двајца се товарат дека извршиле продолжени Тешки дела против здравјето на луѓето и Несовесно лекување болни, а останатите двајца за Несовесно лекување болни и тоа како продолжено дело.

Судењето требаше да почне денеска, но судијата Снежана Марковска го одложи поради болест на докторката Мери Пешевска. Нејзиниот адвокат Јовица Страшевски рече дека таа има медицинска потврда за болеста, дека добила стомачен вирус и температура и најави дека редовно ќе се појавува на следните рочишта.






Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој ја застапува лекарката Симонида Црвенкова побара издвојување на доказ прибавен на незаконит начин. Тој рече дека вештачењето за лекувањето на онколошките пациенти, изготвено од Словенија, е изработено од лекар кој не е овластен вештак, односно не е заведен во регистарот на вештаци на Словенија. Тој поднесе и листа со докази.

Листа со докази поднесоа и адвокатите на првообвинетиот, Никола Ставрев и Мартин Митревски. И бранителите на Васев до Судот доставиле дополнителен доказ, со кој, како што наведоа, се докажува дека лицето Маја Радник, која го изготвила вештачењето, нема статус на лице судски вештак во Словенија.

– Сметам дека доказите обезбедени од Обвинителството кои се однесуваат на вештачење од Словенија треба да бидат издвоени и да не бидат ценети во постапката – реагираше адвокатот.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, на барање на судијата, се произнесе дека ѝ е потребно дополнително време да ги проучи доставените докази од одбраната.

– Можам да се изјаснам за предлогот за издвојување на доказите, тоа се однесува на вештачењата на медицинските досиеја изготвени во Србија и во Словенија. Ќе истакнам дека обвинителниот акт ја има поминато фазата на оценка и Судот оценил дека дадените приговори се беспредметни. Не е јасно зошто сега се поднесува. Судот ги цени прописите за меѓународна правна соработка и помош. Јасно е дека замолената држава, која е замолена да изготви експертски вештачења, постапува по својот правен систем, а јас не сум арбитер. Постапката за прибавување на вештачењата е во согласност со Законот за меѓународна соработка и со билатералните договори со Србија и со Словенија. Во билатералниот договор со Словенија е наведено дека нашата држава може да побара вештачења како дел од меѓународна правна помош. Замолницата и списите се доставени до Министерството за правда во Словенија, па во судот во Марибор, па е составена Комисија на Медицинскиот факултет во Марибор, а вештачењерто е изготвено од д-р Маја Радник, специјалист за интернистичка медицина. Еден од принципите на меѓународната правна помош е довербата меѓу државите дека таа ќе се врши на законит начин. Овде не се спори вештачењето, туку процедурата. Овие претставки од адвокатите се беспредметни, дотолку повеќе што е помината фазата на оценка на обвинителниот акт – рече обвинителката.

По ова изјаснување бранителот Туфегџиќ рече дека останува на барањето.

– Да прецизирам дека овој доказ е обезбеден во текот на вчерашниот ден и не сум во можност да интервенирам во оваа фаза, по оцената на обвинителен акт. Но, бидејќи обвинетата Симонида Црвенкова е опфатена во предметот со обвинителен предлог, кој не е оценет, предлагам на Судот, доколку одлучи да не донесе решение, оваа забелешка да ја има в предвид и овој доказ да го цени – рече тој.

Бранителот на Васев рече дека обвинителката со флоскули бега од вистината.

– Станува збор за доказ прибавен од Министерството за правда на Словенија, каде министерството децидно се произнесува дека лицето со тие генералии не е лиценциран вештак, нема лиценца од Словенија. Тој доказ постојано му е посочуван на ЈО, за оваа околност имаше полни 3 месеци да ја утврди оваа состојба. Која е целта и смислата на тоа постоење ќе видиме во оваа судска постапка. Конечно излеговме од канџите на Обвинителството во однос на вината – рече адвокатот Митревски.

На ова обвинителката одговори дека одбраната доставила само испис од регистар.

– Притоа наведуваат дека тоа е незаконито, а не доставуваат таков доказ. Само дека лицето не е во регистар на вешти лица, а не ни треба да биде – рече таа.

Адвокатот Александар Тумановски рече дека не им се дадени доказите за четвртообвинетиот лекар Драган Јакимовски, туку само вештото мислење од Србија, а дадено му е и економско вештачење кое не се однесува на неговиот клиент.

– Барам да ми бидат доставени и три досиеја на пациенти. Го задржувам правото да поднесам дополнителна листа на докази – рече Тумановски.

Тој ги наведе имињата на трите пациенти за кои ги бара досиејата, а кои се однесуваат на обвинението против Јакимовски, за да се изготви вештачење.

Адвокатот Страшевски се изјасни дека се приклучува кон барањата на останатите бранители.

– Сакам да наведам дека сами го подигнавме обвинителниот предлог, откако дознавме дека веќе е во постапка во Судот. Барам да ни бидат доставени досиејата за 7 пациенти, кои се дел од предметот за мојот клиент. Ние во распит имаме дадено искази и за други пациенти. Дали може ЈО на УСБ да ни ја достави целата листа на докази, таму има и изјави, трошковници итн, затоа што ние имаме добиено само вештачење од Словенија. Во оваа фаза пред отпочнување на постапката, да ги разгледаме и ние да се произнесеме – рече Страшевски.

Адвокатот Никола Ставрев, рече дека праксата покажува дека судот може да отфрли обвинителен акт и без да се впушти во оцена на доказите и истакна дека останува кон истакнатиот приговор.

– Доказот кој го обезбедивме и го доставивме на 10 јули е обезбеден на барање на обвинетиот Никола Васев. По формално барање до Министерството за правда на Словенија, секретарот на министерството, јасно и прецизно, во формално известите до одбраната известува дека во евиденцијата на регистарот на вешти лица не е евидентирано вешто лице Маја Радник. Ова лице нема статус на судски вештак. Сметам дека доказите обезбедени од ЈО, кои се однесуваат на вештачење во Словенија, треба да бидат издвоени од постапката и да не бидат ценети – рече тој.

По ова обвинителката до Судот достави усб стик, на кое се сите докази од листата докази на обвинението против четворицата обвинети, како и усб стикови со доказите кои се однесуваат на обвиненијата на секој обвинет поединечно. Судот им ги врачи на бранителите на обвинетите.

– Со оглед дека со поднесоците на првообвинетиот и третообвинетата и со наводи на записникот и од одбраната на второобвинетата и четвртообвинетиот се бара од Судот да издвои закони што се на незаконит начин, потребно е време за Судот да размисли за сите барања. Го прифаќам барањето за одлагање на денешното рочиште поради болест на една обвинета. Главната расправа се закажува за 5 септември во 10 часот – рече судијката.

Потоа судењата ќе продолжат на 10 септември, на 17 септември, на 1 октомври и на 8 октомври. На секое рочиште ќе се испитуваат по 5 сведоци, односно законски застапници на починати и оштетени лекувани пациенти

Во обвинителниот акт е наведено дека со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија со што тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил, со кој одобрувал и препишувал терапија и свое корисничко име и лозинка, со кои радолжувал терапија во ХИС системот на Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија.

Во случајот „Онкологија“, Јавното обвинителство поднесе уште едно обвинение кое сè уште е на оценување во Кривичниот суд, и се однесува за економското работење на Клиниката, во кое првообвинет, исто така, е поранешниот директор Васев, заедно со поранешниот економски директор на Клиниката, Нехат Нухиу.

Поврзани содржини