🎥📷 ЧАД, ОГАН И МИРИС НА ИЗГОРЕНО ВО КИЕВ Русија нападна со 400 дронови и со 18 ракети – Кремљ испраќа порака?
Во нова, повеќечасовна офанзива, Русија изврши масовен напад, оставајќи зад себе уништени згради, автомобили и здравствена клиника во Киев. Најмалку2 лица загинаа, меѓу кои и млад полицаец. Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупредува дека ова е „ескалација на теророт“ и бара поддршка од сојузниците.
Русија изврши голем воздушен напад врз украинската престолнина Киев рано во четвртокот, што претставува втора последователна ноќ на жестоки напади врз земјата, додека Москва го засилува бомбардирањето повеќе од 3 години по почетокот на војната, објави Си-Ен-Ен.
Најмалку 2 лица загинаа, меѓу кои и 22-годишен полицаец, а повеќе од десетина се повредени во нападите, соопштија властите.
Според новинарите на Си-Ен-Ен во Киев, небото било осветлено од масивни, огнени експлозии. Воздухот бил исполнет со чад и со мирис на изгорено, што предизвикало слаба видливост во центарот на градот.
Нападот траел повеќе од 10 часа и вклучувал 400 дронови и 18 ракети, меѓу кои и балистички ракети, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.
– Ова е очигледна ескалација на теророт од страна на Русија – изјави Зеленски во четвртокот, додавајќи дека ќе разговара со сојузниците за дополнително финансирање на пресретнувачки дронови и противвоздушна одбрана.
Штетите од најновите офанзивни напади се чини дека се значителни.
Според градските власти, уништени или оштетени биле куќи, станбени згради, автомобили, магацини, деловни простории и други објекти низ целиот град. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека една здравствена клиника била речиси целосно уништена во нападите.
Нападот се случува во време на зголемена неизвесност околу испораките на американско оружје, како и на застој во мировните напори, предводени од САД. Зеленски изјави дека Кремљ „порачува нешто“ со ваквото масовно бомбардирање.
Kyiv today pic.twitter.com/5Syu4N8N15
— Mira of Kyiv 🇺🇦 (@reshetz) July 10, 2025
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нејзините сили гаѓале украински воздухопловни бази и дека „сите назначени цели биле погодени“. Во исто време, Украина лансирала дронови врз Русија во текот на ноќта, при што 3 лица загинале во пограничниот руски регион Курск, вклучително и 5-годишно дете, изјави локалниот гувернер.
Рускиот напад претходниот ден, во кој биле користени 728 дронови и 13 ракети, бил најмасовен во поглед на бројот на дронови во една ноќ од почетокот на војната. Во петокот, Русија лансирала 550 дронови, а пред тоа 477 – што тогаш бил рекорд.
Освен Луцк, биле погодени уште 10 региони. Во регионот Хмелницки загинало едно лице, а двајца се повредени во регионот на Киев, соопштија официјални лица.
Полска, која е членка на НАТО, ја крена својата војска на највисоко ниво на готовност и испрати борбени авиони како одговор на нападот, објави Оперативната команда на полските вооружени сили на социјалната мрежа Икс.
Поголемата руска армија воедно започна нова офанзива за пробивање на делови од фронтот, долг 1.000 километри, каде што украинските сили се соочуваат со сериозен недостиг на војници и на ресурси.
Last night, Russia launched a massive combined strike that lasted nearly 10 hours. 18 missiles, including ballistic ones, and around 400 attack drones were used — nearly 200 of them were “shaheds.”
The main target of the attack was Kyiv and the region. Chernihiv, Sumy, Poltava,… pic.twitter.com/jtBo0YYQ8d
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) July 10, 2025
И Русија и Украина го засилуваат производството на дронови
Украинската противвоздушна одбрана соборила 296 дронови и 7 ракети за време на ноќниот напад, додека 415 дронови исчезнале од радарите или биле заглушени, соопшти украинското воено воздухопловство.
– Украинските дронови-пресретнувачи, развиени специјално за борба против иранските дронови „Шахед“ што ги користи Русија, покажуваат се поголема ефикасност – рече Зеленски, додавајќи дека домашното производство на вакви беспилотни летала се зголемува со поддршка од западни земји.
Западните воени аналитичари предупредуваат дека и Русија го проширува своето производство и наскоро би можела да лансира по 1.000 дронови во една ноќ врз Украина.
„Русија продолжува да го зголемува својот домашен капацитет за производство на дронови, имајќи предвид сè поголемата улога на тактичките беспилотни летала во фронталните борбени операции и сè пообемните ноќни напади врз Украина“, соопшти Институтот за проучување на војна од Вашингтон во вторникот навечер.
И Украина го разви сопствениот капацитет за офанзивни дронови, изведувајќи длабински напади во внатрешноста на Русија.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите сили за воздушна одбрана собориле 86 украински дронови над 6 руски региони, вклучително и над московската област.
Привремено биле суспендирани летовите на московскиот аеродром Шереметјево и на меѓународниот аеродром во Калуга, јужно од Москва.
Гувернерот на рускиот пограничен регион Курск, Александар Хинштејн, изјави дека украински дрон нападнал град во регионот непосредно пред полноќ, при што загинале 3 лица, а 7 се повредени, меѓу кои и петгодишно дете кое починало на пат до болница.
Во меѓувреме, највисокиот европски суд за човекови права во средата пресуди дека Русија ги прекршила меѓународните закони за време на војната во Украина – што е првпат некој меѓународен суд официјално да ја прогласи Москва за одговорна за повреди на човековите права од почетокот на инвазијата во 2022 година.
Судот утврди и дека Русија е одговорна за соборувањето на патничкиот лет MH17 на „Малезија ерлајнс“, првпат Москва е формално посочена како виновник за трагедијата од 2014 година во која загинаа 298 лица. Одлуката е главно симболична.
„САД мора да ѝ испратат повеќе оружје на Украина“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во вторникот дека е „незадоволен“ од рускиот претседател Владимир Путин, кој не попуштил во своите барања за прекин на огнот и мир откако Трамп ја презеде функцијата во јануари и започна да се залага за договор.
Трамп во понеделникот изјави дека САД ќе мора да испратат повеќе оружје на Украина, само неколку дена откако Вашингтон ги паузираше клучните испораки за Киев.
Во средата, САД ги продолжија испораките на определени видови оружје, вклучувајќи 155-милиметарска муниција и прецизни ракети од типот GMLRS, потврдија двајца американски официјални претставници за „Асошиетед прес“, под услов на анонимност, бидејќи деталите сè уште не биле објавени јавно. Засега не е познато кога точно започнало движењето на оружјето.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Трамп „се изразува доста остро“, додавајќи дека Москва се надева дека ќе може да продолжи со дијалогот со Вашингтон и да работи на „поправка на сериозно нарушените билатерални односи“.
Зеленски, пак, ги повика партнерите на Украина да воведат построги санкции кон руската нафта и кон сите што го финансираат Кремљ со нејзиното купување.
– Секој што сака мир мора да дејствува – порача Зеленски.
Тој во средата се сретна со папата Лав 14 во Италија, пред меѓународната конференција за обнова на Украина.