МУЦУНСКИ СО ОСТРИ КРИТИКИ КОН СОФИЈА Министерот вели дека бугарските пратеници работат за дестабилизација на Балканот
Шефот на македонската дипломатија од Хаг порача дека официјална Софија бега од разговори со Скопје, па и во Хаг нема да има средба меѓу Сиљановска Давкова и премиерот Жељасков.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во изјава за телевизија Канал 5 директно од Самитот на НАТО во Хаг, остро ја критикуваше официјална Софија и бугарските европратеници за нивното однесување во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија.
– Жалам што актуелната бугарска влада, а и бугарските европратеници, со своето дејствување – она што го гледаме во Брисел – влегуваат во рускиот наратив за дестабилизација на регионот. Стабилноста на Западен Балкан најлесно ќе се обезбеди преку извесна европска интеграција на целиот регион – изјави Муцунски.
Тој подвлече дека постапките на Бугарија во изминатите недели и месеци се дел од загрижувачки тренд кој може да го наруши регионалниот мир.
– Како можеме да ги надминеме предизвиците и да работиме за стабилизација на Западен Балкан? Секако преку дијалог – истакна министерот, додавајќи дека е разочаран што, според последните информации, не се очекува да се одржи средба меѓу двете земји на маргините на самитот.
Муцунски упати и јавна порака за отвореност на Владата на Северна Македонија за разговор со бугарската страна, на кое било ниво.
– Јавно порачувам, Владата е подготвена за средби на секое ниво, претседател со претседател, премиер со премиер, министер со министер. Така и ќе продолжиме да се однесуваме – нагласи тој.
Во однос на очекувањата од самиот НАТО-самит, Муцунски посочи дека темите на агендата ќе бидат фокусирани на безбедносната состојба во Украина и на Блискиот Исток, како и на други глобални предизвици.
– За да имате сериозни инвестиции во одвраќањето, вие морате да инвестирате прво во модернизација на армијата, во модернизација на различни капацитети и инфраструктурни и во делот на сајберот, но исто така и во соодветна инвестиција во индустријализацијата. Тоа значи инвестирање во нови, домашни, наши македонски капацитети за производство. И во таа насока токму овие одлуки ќе ги поддржиме на овој самит и очекуваме консензус да се постигне веќе утре тука во Хаг – заклучи Муцунски.
Министерот со оваа изјава ја потенцираше посветеноста на Македонија кон дијалог, стабилност и активно учество во регионалната и глобалната безбедност.