ЌЕ ВИ ГО ВРАТИМЕ ДОСТОИНСТВОТО Мицкоски им се обрати на јавните службеници

Мицкоски истакна дека денешниот ден не само формалност, туку повик за реформи, и конечно надминување на  болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација.

289

„Без силна, стручна, одговорна и почитувана јавна администрација, нема ниту држава, ниту реформи, ниту вистинска демократија. Честит празник за вашиот труд, за вашата посветеност, за вашата отпорност, понекогаш и во тешки и обесхрабрувачки услови”, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан по повод Меѓународниот ден на јавната администрација.

Мицкоски истакна дека денешниот ден не само формалност, туку повик за реформи, и конечно надминување на  болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација.






– Но денешниот ден не е само формалност. Тој е и повик. Повик за пресврт. Повик за реформа. Повик за конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација и за кои мораме да бидеме свесни: партизација, непотизам, неефикасност, клиентелизам – рече Мицкоски и додаде:

– Дојде време за промена. Вистинска промена. Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа. За време во кое знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската книшка. За време во кое институцијата ќе служи на граѓанинот, а не граѓанинот на институцијата. За време во кое професионалноста ќе биде стандард, а не исклучок. За време во кое службеникот ќе биде горд што е дел од јавната администрација, а граѓанинот ќе знае дека ќе биде услужен со почит, ефикасно и дигитално.

Премиерот нагласи дека изминатата една година започна акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација” која претставува основа за транспарентност и многу други проекти.

– Во овие 12 месеци, не ветувавме – туку работевме. Ја започнавме акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”, како основа за транспарентен и одржлив процес на консултации при изработка на законите. Го формиравме новото срце на реформата – Академијата за стручно усовршување на јавните службеници, со мандат да овозможи стандардизирана и континуирана едукација на национално и локално ниво. Реализирани се над 100 обуки, а преку новата е-платформа LMS, над 100.000 службеници имаат пристап до курсеви, тестирања и евалуации. Се дигитализираше и надгради Системот за управување со човечки ресурси – ИСУЧР, со што за прв пат институциите имаат реална, точна и целосна слика за кадарот, учинокот и потребите. Се усвои стратегијата за реформа на јавната администрација, усогласена со методологијата на ЕУ и стандардите на СИГМА – стратегија што не стои во фиока, туку се применува секојдневно. Правевме корекција на балансерот – од политичка алатка, го трансформиравме во инструмент на праведност. Праведност наместо политичка математика. Се унапредија порталите ЕНЕР и OGP – овозможувајќи на граѓаните директно учество во креирање и следење на политиките. Родовата еднаквост и социјалната инклузија се интегрирани како норма во сите политики – не како привремена агенда, туку како вредност на оваа Влада – дециден е Мицкоски.

Премиерот Мицкоски порача дека јавната администрација ќе ја направат место за шанса, а не за порази, посочувајќи дека ќе се врати достоинството на јавниот службеник, но и ќе се воведат повисоки критериуми за отчетност.

– Ќе ја направиме јавната администрација место на шанса, не на пораз. Ќе го вратиме достоинството на јавниот службеник – но и ќе воведеме повисоки критериуми на отчетност. Ги градиме темелите на промените. Темели на знаење, работа и вредности. За твоето време кое доаѓа. Време кога ќе бидеш вреднуван по тоа што знаеш, а не кого познаваш. Време кога администрацијата ќе значи сервис – не ќорсокак. Време кога државата ќе работи за народот – не обратно – посочи премиерот.

Премиерот Мицкоски им порача јавните и државни службеници дека верува во нив и нивната енергија, посветеност и способност, но дека очекува резултати.

– Јас верувам во вас. Верувам во вашата енергија, вашата посветеност и вашата способност. Ние ве поддржуваме – но и очекуваме резултати. Очекуваме партнерство. Очекуваме искрен труд. Денес, ја почитуваме вашата улога, но од утре – заедно продолжуваме по нов пат. Пат на модерна, дигитална, инклузивна и ефикасна администрација. Честит ден на јавните службеници! Честит нов почеток за македонска јавна администрација – вели премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини