ЧЕТИРИ БАНКИ СТАНАА ДЕЛ ОД ЕВРОПСКИОТ СИСТЕМ НА ПЛАЌАЊЕ ВО ЕВРА Уште 8 банки се очекува да влезат во системот до октомври
Од 6 октомври овие банки ќе започнат со кредитните трансфери во СЕПА.
Европскиот совет за плаќања (ЕПС) досега впиша 4 македонски банки (3 големи и една средна) во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА со што официјално започнува членувањето на земјава во СЕПА , соопшти Народна банка.
Овие банки ќе започнат со кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите 8 деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, да бидат впишани во регистарот на ЕПС.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.