ЌЕ СЕ ВОЗИ ПО НОВ АСФАЛТ ДО ОХРИД Трајановски најави пуштање на делницата до Врбјани до 12 јули

Директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски вели дека останува уште делницата кај Ботун каде што има големи свлечишта.

3,837

Делницата од Врбјани до Охрид од автопатот Кичево–Охрид ќе биде пуштена во употреба најдоцна до 11 или 12 јули, изјави денеска директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски. Тој прецизира дека ќе има прекин кај Ботун, каде што мора да се санираат големи косини.

– Граѓаните, туристите, сите кои патуваат кон Охрид, ќе можат да возат по нов асфалт. Прекинот кај Ботун е поради тоа што патот би требало да биде од десната страна на Ботун, а таму има големи свлечишта – изјави Трајановски за телевизија Сител.






Свлечиштата кај Ботун, според него, се поврзани со оние од Кичево до Врбјани. Геоистражувањата, кои се прават во соработка со Градежниот факултет и кинеската компанија, се при крај.

– Околу 40 отсто се веќе завршени. Бушењата опфатија шест и пол километри за да се утврди составот на земјиштето. Врз основа на добиените резултати, се проектираат модели и типови на стабилизација – додаде Трајановски.

Тој најави важен состанок за утре, на кој ќе се одреди типскиот модел на заштита на најпроблематичните косини – веројатно со галерии. Според проценките, 14 се сериозно загрозени, а 21 се со помал ризик. Планот е поголемиот дел да се заштитат до крајот на годинава.

Истовремено, се финализираат и работите на експресниот пат Дреново – Фариш, кој ќе биде пуштен до крајот на месецот. Трајановски откри дека само на две косини се извадени 27.000 кубни метри земја.

– Се прават завршните зафати. Се надевам дека веќе кон крајот на месецот ќе ја пуштиме и таа делница за радост на прилепчани, битолчани, ресенчани и сите кои патуваат во тој дел од Македонија – рече тој.

Во врска со изградбата на Коридорите 8 и 10-д, Трајановски изрази задоволство од напредокот и темпото на изведба од страна на „Бехтел и Енка“.

– Кога дојдов почнавме со интензивно темпо. Јавно кажаа дека ЈПДП и Република Македонија не се кочница. Ние секогаш сме пред нив со експропријацијата – додаде Трајановски.

За евентуалното задолжување за брзата пруга Табановце–Гевгелија, тој изјави дека е тоа во надлежност на Министерството за транспорт и Александар Николоски, но ја оцени пругата како неопходна.

– Особено е важна до Солун и Белград – и за туризмот и за бизнисот, бидејќи сме на главната европско-грчка трансверзала – истакна тој.

Според него, електричните автобуси се „добро преодно решение“ додека се изготвуваат студии за трамвајски превоз во Скопје. Потсети дека е распишан тендер за 120 вакви возила, од кои 80 ќе бидат наменети за Град Скопје.

На новинарско прашање за можната кандидатура за градоначалник на Скопје, Трајановски не даде директен одговор:

– Тука каде што сум се чувствувам исполнето. Имам задачи кои навистина ме исполнуваат. Партијата си има своја политика, а граѓаните ќе си го кажат последниот збор. Скопје треба да добие градоначалник кој ќе го уреди градот, да живее, да се гради, да биде чист – заклучи Трајановски.

Поврзани содржини