КОНФЛИКТОТ ИЗРАЕЛ – ИРАН МОЖЕ ДА ПОТТИКНЕ ИНФЛАЦИЈА Академик Фити предлага индиректни мерки за цените

Цената на нафтата е многу значајна зашто е импут во производство на огромен број производи - од една стана е енергент, а од друга многу производи технолошки базираат на користење нафта, вели академик Фити.

147

Ако продолжи воениот конфликт меѓу Иран и Израел ќе има импликации, може да проработат инфлациските тенденции. Тоа е опасност за Македонија. Ќе се зголемат производните трошоци на сите бизниси што е многу сериозен проблем, оценува академик Таки Фити.

Според него, ова прашање е поврзано со геополитиката, а геополитичкиот пејзаж многу брзо се менува во современи услови.






-Војната Украина – Русија, трговската војна наметната од Трамп, сега Иран – Израел. Целото опкружување станува многу поризично и има силни негативни импликации и врз економијата и врз целокупниот развој на земјите. Цената на нафтата е многу значајна зашто е импут во производство на огромен број производи – од една стана е енергент, а од друга многу производи технолошки базираат на користење нафта. Сега, кога беше енергетската криза, енергенсите многу поскапеа и тоа не резултираше со рецесија, но беше блиску до рецесија. Многу земји беа блиску до стакфлација, едновремено присуство на ниски стапки на економски раст и на релативно висока инфлација и висока невработеност. Ако ова продолжи, ќе има импликации. Може да проработат инфлациските тенденции – академик Фити кој учествува на денешната тркалезна маса „Зелен раст – посебен осврт врз Северна Македонија што ја организира МАНУ.

Тоа, вели тој е опасно за Македонија.

-Кога беше енергетската криза ние имавме малку повисока стапка на инфлација за разлика од други земји, прво зашто е таква структурата на нашата економија и увозната зависност за многу производи и енергија е прилично голема па како растат цените во тие земји, така таа инфлација се увезува и кај нас. Зависи колку ќе трае војната, тоа ќе ги зголеми трошоците на производство на сите бизниси и тоа е многу сериозен проблем – вели Фити.

Прашан за цените на производите кои се зголемија по завршувањето на ограничените маржи и најавениот план на Владата за евентуална интервенција, професорот порача дека во овој сегмент треба да се делува со индиректни, а не со директни мерки. Потсети дека имаме Комисија за заштита на конкуренцијата која, како што напомена, треба да си ја врши својата работа.

-Економската наука е против директни интервенции во доменот на цените како што е замрзнувањето, зашто тие честопати се контрапродуктивни. Ефект ќе има одреден период, но проболемите се кумулираат и кога ќе се „ослободат“ цените, тоа се враќа како бумеранг. Основно е да се контролира ситуацијата со индиректни мерки. Ние ја имаме Комисијата за заштита на конкуренцијата и таа треба да си ја врши својата работа. Во екот на кризата, Комисијата рече: „ние не постапуваме ако немаме допрен глас“. Не може така. Комисијата има компетенции да постапува, да спречува монополистичко однесување, да спречува доминанта позиција на определени фирми, да казнува директно за тоа. Таа е една од клучните институции која е задолжена за одржување на нивото на конкуренција и на конкурентниот притисок во економијата, но и на слободата на пазарот и претприемништвото – нагласи Фити.

Другата работа е подолгорочна, проблем е на бизнисите и на самата економија. Ако се работи добро и квалитетно, ако се применуваат иновации, ако се применува поинаква организација на производство, ако менаџментот променува современи методи на управување со фирмите ќе расте квалитетот и обемот на производство. Така ќе можеме да ги регулираме овие работи.

Тој се осврна и на земјоделството кое е поврзано со основните прехранбени продукти. Рече дека даваме огромни субвенции, а има сериозни индикации и испитувања во МАНУ дека субвенциите не даваат соодветни резултати. Треба, потенцира, да се смени системот на субвенционирање.

-Ефектот од толку големи субвенции и порастот на БДП во земјоделството не е онака како што се очекуваше со давањето на субвенциите. Но, тој систем останува, меѓу другото зашто земјоделците се значајно гласачко тело и еднаш стекнато право партиите на власт тешко се одлучуваат тоа да им го скратат или намалат. Треба да се субвенционира земјоделството, но треба да се смени системот на субвенционирање. Ние уште субвенционираме врз база на посеани површини, таа работа не оди. Треба на аутпутот, на производот што се произведува и треба тие субвенции да одат во вистински раце, а тие често, наместо кај земјоделците, завршуваат кај луѓето кои земале државно земјиште под закуп и кои воопшто не се занимаваат со земјоделство. Земјоделството ни е многу битно, тоа е и еден од основните приоритети на идниот развој на државата – истакна Фити.

Покрај субвенции, смета академикот, треба да се обмислат и други мерки за поддршка

Поврзани содржини