Интелектуално-мафијашка врева

Зашто, оваа и ваква „опозиција“ ни по бројноста ниту пак по сериозноста на настапот може да се факторизира без поширока поддршка. Од каде? Од интелектуалната, академската, политичката, бизнис… мафија инсталирана во текот на изминатите три децении, а реанимирана и дополнета во спомнатиот период 2017-2024 година.

2

Димензиите на нашата коруптивно-криминална слика инсталирана од домашната мафија можеби најдобро се огледа во тенденцијата за префрлање на вината врз другиот. Тоа е константна проекција што треба да ги држи граѓаните под тензија, да им всадува сомнежи, желба за промени, некогаш страв од иднината итн.

Во радикална „идеолошка“ поларизација на општеството како кај нас, тој „обичај“ станува правило, особено во партиските лево-десни конфронтации, но и во јавниот дискурс како главна тема на онаа веќе фамозна „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“ како гласноговорник на „прогресивните“ тенденции во општеството застапувани од остатоците на коруптивно-криминалната коалиција што ја тероризираше државата во периодот 2017-2024 година.

И таа поларизација ги допира сите сегменти во општеството, без исклучок: од најсензитивните до (условно) најбаналните, од државотворноста до цените на лебот и брашното, од евроинтеграциите до ѓубрето, „победите“ и „поразите“…

Сега дури и до фашизмот, додуша оној „малиот“ – страотна етикета влепена на повеќе од половина држава! А другата половина се мизерни нефлексибилни евроскептици кои не сакаат да го исполнат сонот на една секта и една „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“. Браво.

А всушност, некоја поизострена диоптрија го урива привидот дека станува збор за „идеолошка“ поларизација помеѓу (условно) две страни – власт и опозиција – туку дека ритамот на „пресметките“ е наметнат од една замаглена групација со (не)транспарентна цел.

Зашто, ако власта е јасно дефинирана и позиционирана, таканаречената опозиција – не е. Ние де факто денес и немаме политичка опозиција односно таа е сведена на облак од постојана тензија, на шум односно најчесто врева за којашто не сте сигурни од кој извор доаѓа. (Впрочем, тоа не е само моја констатација, туку и на проф. Иван Анастасовски, кој неодамна јавно констатираше дека „Ако направите микс од сè – и лидерство, и кадровска политика, и начинот на работа – ќе видите дека тоа довело до оваа состојба во која се наоѓа СДСМ денес“!).

Но, дали, на пример, вревата доаѓа само од спомнатите остатоци на коруптивно-криминалната коалиција што ја тероризираше државата во периодот 2017-2024 година и нивните „интелектуални“ вазали или таа е резултат на заедничкиот настап на тој политикантски дел и подземјето, она најцрното – за коешто говори и несреќникон Петковски! – коешто де факто ги меша картите во оваа игра?

Зашто границите полека се бришат, веќе не знаете кој е кој и што е што, до каде допираат долгите криминални прсти а до каде политикантските врски, дали сите наметнати конфликти решаваат паралелни прашања, и кои, дали „политиката“ е навистина до гуша заглибена во криминал и корупција а мафијата во политиката?

Зашто, оваа и ваква „опозиција“ ни по бројноста ниту пак по сериозноста на настапот може да се факторизира без поширока поддршка. Од каде? Од интелектуалната, академската, политичката, бизнис… мафија инсталирана во текот на изминатите три децении, а реанимирана и дополнета во спомнатиот период 2017-2024 година.

И, очигледно, веќе не се избираат средства и начини. Каде и да отворите, ве гледаат ококорените мафијашки очи: автономијата на универзитетот со последниов страотен скандал со „магистранди“ и „докторанди“ на филозофскиот факултет (малите букви се одраз на неговото реноме денес!); независната „трета власт“ со домашни ѕидови полни странска валута, тајни драстични помилувања на затвроските казни на нивни „видни“ членови и на корумпирани адвокати, оставки преку смс пораки и слични срамотилаци; „неполитичките“ и „професионални“ кадри дури и во онаа ДКСК, со ужасни узурпации на раководните функции и дрско пост фестум политичко маневрирање; беспримерното пљачкосување во здравството и „белата мафија“ која веќе сама си се вреднува и си пресметува плати; кражбата на електрична енергија и директното неовластено приклучување кое кај нас станува општонародна забава, како впрочем и кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување… итн., итн.

Како константен рефрен одамна отворено се манипулира и со сѐ друго: со националниот идентитет како монета за поткусурување, со културата и образованието, со науката сведена на интернет фолиранти и препишувачи, надворешната политика како дневно мени за цела сурија самопрогласени „шефови“ со фалсификувани Мишелин ѕвездички…

Генералната матрица на интензивно преобликување дури и на довчерашното минато и распродавањето на македонскиот идентитет, историја и култура за грст сребреници во вид на нов политички мандат, реизбор во професурата, некакви месечни надоместоци и/или награди и слични срамни трошки речиси секојдневно се дополнува со нови и нови форми.

Сега дури и со „документарни“ филмови коишто најинфантилно ни продаваат некаков „договор со историјата“ стокмен од коекакви шарлатани и клиентелистички политиканти, или пак одредени историски личности највулгарно ги „брендираат“ како нечија партиска и лична сопственост.

И нема одговор чиј тоа договор и чија историја ни подметнуваат и со кое право и цели присвојуваат историски личности?

П.С.

И повторно: за ваквите ли говори тамбурашон Петковски, нив ли ги промовираа во „нова буржоазија“?!?

Поврзани содржини