ЗОШТО ГИ УБИЈА ВАЊА И ПАНЧЕ? Судот ќе ги слушне завршните зборови на Обвинителството
Завршните зборови на Обвинителството денеска ќе ја трасираат правната и моралната насока на исходот на еден од најстрашните случаи во Македонија. Завршните зборови мора да ги дадат завршните одговори.
По 10 месеци судење и триесетина рочишта денеска во Основниот кривичен суд во Скопје со завршен збор на јавните обвинителки Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска почнува последната фаза од судењето за бруталните убиства на 14-годишната Вања Ѓоревска и 74-годишниот Панче Жежовски – случај што донесе колективна болка и остави траен печат во македонското општество.
Во фокусот на завршниот настап на Обвинителството ќе биде толкувањето на сите прибрани вербални и материјални докази против обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, поранешен претседател на Десна и неговите сопартијци Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, кои се обвинети за две грабнувања и две тешки убиства, извршени на свиреп начин. За злосторствата им е запретена казна од доживотен затвор. Посебен дел од завршниот збор ќе биде посветен на улогата на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, кој се товари за помагање при грабнувањето на неговата ќерка.
Четворица мажи убија девојче
Според обвинението, четворицата обвинети ги извршиле убиствата од користољубие. На 22 ноември 2023 година го грабнале Жежовски од неговиот дом во Велес, го врзале, го ставиле во гепек од неговиот „цитроен“ и се одвезле до месноста Кула. Таму имале претходно ископана дупка, го одвлекле врзаниот старец до неа, по што Палевски го убил со истрел во главата со пиштол со калибар од 9 милиметри. Го фрлиле во дупката и го закопале. Целта им била да му го земат „цитроенот“, за со тоа возило по некој ден го грабнат девојчето Вања Ѓорчевска.

Така и сториле. Првиот обид да ја грабнат, во петокот на 24 ноември им бил неуспешен, но вториот пат успеале. На 27 ноември утрото околу 7.20 часот ја грабнале Велибор Манев и Боре Видевски од влезот, во моментот кога несреќното девојче излегло од лифтот, одејќи безгрижно на училиште. Ја врзале, ја ставиле во вреќа, ѝ се заканиле да не вика и ја ставиле во истиот гепек од „цитроенот“ во кој 5 дена претходно го одвезоа немоќниот Жежовски во сурова смрт. Кешишев ги чекал пред влезот и тројцата ја одвезле Вања во местото Дупки, во близина на селото Бразда, на Скопска Црна Гора. Насоки им давал Палевски, кој им се придружил по пат со возилото „рено кангу“. Според обвинението, целта им била да бараат откуп за девојчето од близок член на нејзиното семејство. Но, Палевски ја прашал како се вика, кои ѝ се мајка и татко, по што ладнокрвно ја ликвидирал со истрел во главата. А Вања клечела на колена, плачела, молела, избезумена од страв, во агонија и незамисливо страдање. Манев, Видевски и Кешишев не мрднале ни со прст за да го спречат безмилосниот. Нејзината младост, невиност, иднина, нејзините години не им значеле ништо. Ѝ го одзеле животот сурово, на монструозен начин. Четворица мажи убиле 14-годишно дете. Го закопале и отишле да пијат кафе во партискиот штаб.
Обвинителството го товари таткото на Вања, Александар Ѓорчевски дека му дал информации на Палевски кога неговата ќерка оди сама на училиште и со тоа помогнал во грабнувањето.
Ќе ја добиеме ли конечно големата слика?
По изнесувањето на материјалните докази и потресните сведоштва, Обвинителството денеска ќе ја презентира својата финална реконструкција на злосторствата. Обвинителките Крстевска Јосифовска и Стојковиќ Димитровска досега беа штури во своите обраќања кон јавноста, која, пак, денеска од нив очекува да ги поврзат сите докази во логична целина, со цел вината на четворицата ликвидатори да биде докажана без тронка сомнеж. Во завршниот збор се очекува тие да го поврзат целокупниот изведен доказен материјал – признанијата, телефонските комуникации, локациските податоци, ДНК и балистичките докази, видео-снимките, како и исказите на сведоците и да го убедат судот дека е неоспорна вината на Палевски, Манев, Видевки и на Кешишев. За нивната вина има две признанија и две негирања од обвинетите. Манев и Кешишев го признаа своето учество на злосторствата, но нивните искази се разликуваа во определени детали. Видевски и првообвинетиот Палевски, пак, не признаа вина и ги оспорија доказите.

За разлика од вината на убијците, на обвинителките ќе им биде многу потешко да ја докажат поврзаноста на таткото Ѓорчевски со првообвинетиот Палевски и неговото дело, помагање во грабнување. На досегашните рочишта обвинителките не изнесоа убедливи докази дека тој е учесник или дека е како било поврзан со некој од убијците. Досега тие бараа јавноста да се стрпи, да почека до завршните зборови во кои ќе ја докажат вината на Ѓорчевски, како и дека мотивот бил користољубие, и покрај тоа што за Вања не биле барани пари и немало планирано место каде ќе се чува детето додека стигне откупот.

Судењето беше полно со тешки детали, мачни и тажни моменти, понекоја контроверза, негирање вина, па признавање вина, писма и застрашувања меѓу обвинетите … Со бројни испади на првообвинетиот Палевски, кој жестоко се бранеше дека е невин и дека политички го местат, со молкот на останатите тројца, кои молчеле и додека шефот Палевски убивал кого сака, со наведната глава и плачот на таткото Александар, соочен ем со деталите од последните моменти на неговото дете, ем со тешкото обвинение …
Завршните зборови на Обвинителството денеска ќе ја трасираат правната и моралната насока на исходот на еден од најстрашните случаи во Македонија. Завршните зборови мора да ги дадат завршните одговори.