ОГРОМНИ ПАРИЧНИ КАЗНИ ЗА ДИВИТЕ КАМПЕРИ ВО ГРЦИЈА Македонските авантуристи во потрага по нови дестинации
Новите законски измени во Грција ги ставаат македонските туристи што летуваат со кампери под сериозен ризик од високи казни, па дури и со затвор. Забрането е паркирање и престојување со кампер дури и во сопствен двор, а секој обид за одмор на плажа може да се смета за прекршок. Македонските ентузијасти за кампер туризам се револтирани и веќе бараат нови алтернативи надвор од грчките брегови.
Македонците, но и туристите од целиот Балкан, кои со години наназад уживаат во слободата на летување со камперски возила, ова лето би можеле да се соочат со драстични забрани и со сериозни казни.
Законските измени, кои стапуваат на сила без претходна јавна расправа, длабоко го менуваат начинот на кој ќе се патува и ќе се кампува во Грција. Според членот 27 од Законот, строго се забранува поставување и паркирање на кампери и приколки на сите јавни места – плажи, шуми, паркинзи, дури и во арехолошки зони.
Казна од 300 евра по човек, до три месеци затвор
Без разлика дали станува збор за едночасовен одмор или цела ноќ, казните за кампување на места коишто не се обележани за таа намена се идентични:
– 300 евра по лице
– затвор до 3 месеци
– принудно отстранување од локацијата
– забрзана кривична постапка
Во пракса, тоа значи дека ако македонско семејство реши да застане крај патот да касне сендвич со поглед на море – ќе плати како да сторило кривично дело.
„Забрането е поставување шатори и паркирање приколки, полуприколки и кампер возила во археолошки зони, крајбрежја, плажи, јавни шуми и општо на јавни места…“, пишува во законот, кој дополнително забранува и повеќе од едно кампер возило дури и во приватен двор, освен ако не е поинаку предвидено со друг член од законот за сообраќајна безбедност.
Нема кампери ни во сопствен двор
Најконтроверзна точка од законот се однесува на употребата на кампери на сопствена имот – секој што ќе држи повеќе од едно кампер возило во сопствениот двор, на парцела или дури на приватен паркинг, може да биде казнет.
Оваа одредба сериозно ги загрижува и Македонците кои имаат викендички во Грција или патуваат со два кампера како семејство или со пријатели.
Практично, ако угостиш роднина што патува со кампер и преноќи кај тебе во дворот – стануваш прекршител. Законот важи дури и ако си сопственик на голема приватна парцела, иако не се нарушува ниту едно јавно добро.
Грчката влада без објаснување – заедниците реагираат
– Ова е удар врз пристапниот и еколошки туризам кој е пријателски кон локалните заедници – вели Георгија Карлу, членка на Управниот одбор на грчкото здружение на кампер корисници (ΕΛΑΤ), која алармира дека одлуката е донесена без никаква јавна консултација.
Таа предупредува дека новата регулатива ќе донесе катастрофални последици за малиот бизнис – бензински пумпи, маркети, ресторани, механичарски работилници – сите оние што профитираат од овој тип туризам.
– Ова е начин на живот. Камперот е мобилен дом, легално регистриран и осигуран. Не сме дивоградители, туку одговорни патници. Забраната е апсурдна – па и дома не можеме да примиме пријател кој патува со кампер? – вели Карлу за News 24/7.
На последната Генерална сесија на Меѓународната федерација на кампер заедници (FICM), било предложено Грција да се прогласи за непријателска земја кон камперите, што може дополнително да ја намали туристичката понуда, особено надвор од комерцијалните летувалишта.
„Плати или седи дома“ – сигналот е јасен
Критичарите тврдат дека ова е обид на државата да ги „турне“ туристите кон скапите хотели, монополизиран превоз и организирани патувања.
Камперите, како симбол на слободно, евтино и независно патување, сега стануваат мета на ограничувања.
– Слободата да живееш и патуваш по сопствен избор, без да пречиш на никого, сега е казнива. Денес е еден кампер, утре можеби ќе забранат три автомобили, пет мотори, десет велосипеди… – велат од заедницата.
Македонските туристи – особено погодени
Со оглед дека Грција е далеку најпопуларна дестинација за летување за илјадници македонски граѓани, од кои многумина патуваат со кампери или летуваат во грчките кампови, овие мерки ќе имаат директно влијание.
Камперот беше начин да се заобиколат скапите сместувања и да се ужива во природата. Сега, секој излет би можел да заврши со казна и со притвор.
Преку социјалните мрежи и форуми, македонските кампер ентузијасти веќе повикуваат на внимателност, а дел од нив дури размислуваат да ја избегнат Грција и ова лето да бараат алтернативи во Албанија, Црна Гора или Хрватска.