МАКЕДОНИЈА ЦЕЛОСНО ДИГИТАЛИЗИРАНА ДРЖАВА ДО 2035 ГОДИНА Растот на ИКТ индустријата од над 4,4 отсто е еден од клучните во порастот на БДП
Ова прашање не познава граници, секоја земја, дури и најмалата, ако има добар ИТ потенцијал кај кадарот и добри навики кај граѓаните, како и ако гради дигитална инфраструктура, може да прави квантни чекори напред, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Се движиме кон дигитално општество, но не смееме да бидеме следбеници на трендовите, туку треба да ги креираме заедно со развиените држави. Ова прашање не познава граници, секоја земја, дури и најмалата, ако има добар ИТ потенцијал кај кадарот и добри навики кај граѓаните, како и ако гради дигитална инфраструктура, може да прави квантни чекори напред, изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Андоновски ја гледа Македонија како целосно дигитализирана држава до 2030-2035 година.
– Нашата стратегија е сè што е процес во позадина во јавната администрација да биде дигитализиран, за да понуди добри услови за водење бизнис, за раст на економијата и за благосостојбата на граѓаните – рече Андоновски.
Според него, последните податоци покажуваат дека растот на ИКТ индустријата од над 4,4 отсто е еден од клучните во зголемувањето на БДП.
– На тој начин треба да размислуваме. Ова е нашиот потенцијал, нашата компаративна предност во однос на другите држави. Немаме големи минерали ресурси, не сме голема територија, немаме многу население, но компаративно сме подобри во ИТ индустријата и тоа треба максимално да го искористиме – нагласи министерот.