ТЕШКИ СЕ РАЗДЕЛБИТЕ Баерн подготвува емотивно збогување со ветеранот Милер
Легендарниот напаѓач на минхенски Баерн, Томас Милер, в сабота ќе го одигра својот последен натпревар во дресот на бундеслигашкиот гигант, а неговите соиграчи и стручниот штаб му подготвуваат емотивно збогување на „Алијанц Арена“.
Баерн, минатата недела и теоретски ја обезбеди својата 34 титула во германското првенство пред саботниот дуел против Фрајбург, кој ќе биде последен за 35-годишниот Милер во дресот на клубот од Минхен.
– Дефинитивно ќе биде многу емотивно, не знам дали е повеќе за Томас или за луѓето околу нас. Ова се прекрасни моменти, ги имам доживеано и јас. Го познавам и Томас, тој е сè уште борец кој секогаш сака да покаже што може. Тој има многу посебен однос со навивачите – изјави на денешната прес – конференција во Минхен тренерот на Баерн Винсент Компани.
Триесет и петгодишниот поранешен капитен на германската репрезентација Милер му се приклучи на Баерн на десетгодишна возраст, помагајќи им да освојат 13 титули во Бундеслигата, шест германски купови, осум Суперкупови и два трофеи во Лигата на шампионите.
Милер оваа сезона беше претежно резерва, а Компани е познат по тоа што е строг кога станува збор за откривање на составот пред натпреварите.
Сепак, на прашањето дали 35-годишниот напаѓач ќе игра против Борусија Менхенгладбах, белгискиот тренер не сакаше ништо да најавува.
– Сакам да останам доследен, но не сум глупав, па да почекаме и да видиме утре. Сепак, не сакам да ја расипам забавата – рече Компани.