ПАЦИЕНТИ ОД КОЧАНИ ДОЖИВЕАЛЕ НЕПРИЈАТНОСТИ НА АЕРОДРОМОТ ВО ИСТАНБУЛ Мицкоски ургирал кај Ердоган за да се среди ситуацијата
Инцидентот бил доволно сериозен за премиерот Христијан Мицкоски лично да стапи во контакт со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со цел да се среди проблемот и да се овозможи непречено враќање на пациентите во земјата.
Неколку деца од Кочани, преживеани од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, кои се враќале од лекување во Турција, доживеале непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул.
Инцидентот бил доволно сериозен за премиерот Христијан Мицкоски лично да стапи во контакт со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со цел да се среди проблемот и да се овозможи непречено враќање на пациентите во земјата.
Според изјавата на премиерот, по интервенцијата, децата успешно пристигнале во Македонија, по што бил организиран транспорт од аеродромот до скопската болница „8 Септември“. Иако лекарите препорачале подолго болничко лекување, семејствата одлучиле децата да бидат пуштени на нивна одговорност.
– Оваа работа ќе трае со години. Сè што можам ќе сторам. Ќе разговарам лично со семејствата. Цела Македонија болува и ќе болува. Работите не можат сами од себе да се решат – изјави Мицкоски при посетата на Општина Штип.
Тој додаде дека на дневна основа се решаваат прашања поврзани со настраданите и нивните најблиски, и дека членови од неговиот Кабинет редовно комуницираат со семејствата на жртвите и повредените.
Премиерот најави дека наскоро и лично ќе се сретне со родителите на настраданите во трагедијата, со цел да им даде поддршка и да слушне од прва рака со какви предизвици се соочуваат.
Во однос на обвинувањата од опозицијата за селективна истрага, Мицкоски нагласи дека процесот го води Обвинителството, и дека тој, како премиер, не комуницирал со обвинители и не се меша во работата на правосудните органи.
Пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани однесе 62 животи, а над 200 лица беа повредени. Голем дел од преживеаните, особено оние со тешки изгореници и проблеми од вдишан чад, беа испратени на лекување во странство. Секојдневно по неколку пациенти се враќаат во Македонија и го продолжуваат опоравувањето под надзор на домашните медицински тимови.
Трагедијата остави длабоки рани во целата држава, а институциите најавуваат дека поддршката кон семејствата ќе продолжи долгорочно.