СДСМ МАНИПУЛИРА СО ФАКТИТЕ ЗА КОЧАНИ Расте довербата во полицијата, вели Тошковски

Доказите говорат за континуирано, незаконито, коруптивно постапување на многу сегменти во институциите, кои наместо да заштитат, да проверат, да утврдат фактичка состојба во насока на вистината, тие правеле сè, само тоа не, вели министерот Тошковски.

270

Главниот аргумент на опозицијата е неточен, доказите со кои сум запознаен говорат за континуирано и незаконско постапување во многу сегменти, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за обвинувањата на опозицијата во врска со истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани.

– Командирот на полициската станица којшто првично беше суспендиран, сега е дел од осомничените во рамките на постапката. Тој е осомничен за дејствие коешто го презел, каде што Јавното обвинителство цени дека е постапено спротивно на законот, а е поврзано со предметно кривичниот-правен настан, ужасната трагедија што се случи – рече Тошковски во гостувањето на Канал 5 телевизија.






Министерот се надева дека за брзо време ќе заврши истрагата. Рече дека во интерес на самата истрага не сака да открива детали, но и дека за брзо време ќе може да ги изнесат сите факти што се од интерес на јавноста.

– Оваа ужасна трагедија којашто ја расплака целата држава, не е последица на земјотрес. Се надевам дека за брзо ќе заврши истрагата и ќе покаже дека е последица на еден корумпиран систем, којшто месец за месец, година за година, го нагризувал легитимитетот и легалитетот на функционирањето токму на предметниот угостителски објект, кој видовме како на крајот заврши. Доказите со коишто сум запознаен во рамки на истрагата, која што пак напоменувам, не е завршена, говорат за континуирано, незаконито, коруптивно постапување на многу сегменти во рамки на институциите, кои наместо да заштитат, наместо да проверат, наместо да утврдат фактичка состојба во насока на вистината, тие правеле сè, само тоа не – нагласи Тошковски.

На прашањето дали полицијата требало да има сознанија дека во дискотеката се планира употреба на пиротехника и дали тој објект е казнет за употреба на нелегална пиротехника, Тошковски ги појасни актуелните законските одредби.

– Не сум запознаен со таков факт, дека некогаш дискотеката е казнета за употреба на нелегална пиротехника, но факт е дека законските одредби предвидуваат дека за да МВР издаде одобрение, согласност, мора прво некој да го побара. Во конкретната ситуација барање не е доставено од страна на никого, ниту од страна на оние кои ги употребиле пиротехничките средства, ниту од страна на менаџерите на клубот – одговори Тошковски.

Според него, обидот на опозицијата да манипиулира со овие факти е очигледен поради тоа што, како што кажа, и тие знаат да го прочитаат законот и тие знаат да отворат член од законот и да видат дека потребно е да има известување до МВР.

– Исто како што манипулираат во делот на тоа дека според Законот за јавни собири МВР било должно во рамки на угостителскиот објект да обезбеди вакви или онакви услови. Факт е дека МВР е должно да го покрие јавниот собир, но во конкретната ситуација не говориме за јавен собир, туку за угостителски објект во чии рамки се организирала одредена забава, каде што МВР не може да ги преземе дејствијата на приватните агенции за обезбедување, кои им се дадени согласно закон – рече тој.

Тошковски истакна и дека според анкетите на јавното мислење, но и според генералниот впечаток, довербата во МВР континуирано расте.

– Довербата во МВР расте, бидејќи народот конечно гледа неселективна и непоколеблива борба против корупцијата и криминалот, без оглед дали некој доаѓа од редовите на една или друга политичка партија на власт на локално или на централно ниво, гледаат дека таму кадешто имаме докази, таму каде што има злоупотреби, постапуваме. Луѓето гледаат надеж и тоа е генерален став којшто го добивам секојдневно – рече министерот Панче Тошковски.

Поврзани содржини