ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ ОД ПОЖАРОТ СЕ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ВО „СВ. НАУМ“ Тројца се пуштени на викенд, една пациентка останува во болница
Речиси сите пациенти кои се вратија од лекување во странство - 99% од нив - се испишани и пратени дома со закажани редовни контроли. Сите пациенти имале изгореници од различен обем, со индивидуално различни проценти на оштетување, а најголемиот дел од нив се соочиле и со инхалациони повреди. По стабилизирањето на нивната состојба, во странство биле направени дополнителни прегледи, по што биле оценети како подготвени за домашно лекување, посочи директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Небојша Настов.
Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ моментално се хоспитализирани четворица пациенти од пожарот во Кочани, од кои само една пациентка сѐ уште е присутна во болницата, додека тројца се пуштени на викенд, информираше денеска директорот на Клиниката, Небојша Настов.
Тој истакна дека нивната состојба е максимално подобрена и веќе на почетокот од следната недела се очекува тројцата пациенти да бидат испишани од болницата.
– Во Клиниката во моментов формално се хоспитализирани 4 пациенти, од кои само една пациентка е сѐ уште присутна во болницата, додека тројца се пуштени на викенд, што значи дека нивната состојба е максимално подобрена. Се планира испуст дефинитивно за тие тројца пациенти, некаде почетокот на следната недела – посочи Настов.
Во текот на вчерашниот ден, додаде, вратена е уште една пациентка од Белград која што по направените лабораториски анализи и прегледи денеска била испратена дома.
– Најголем број или 99% од оние кои што се вратија се испишани за дома со закажани редовни контроли, само една пациентка, којашто беше вратена од Србија, сѐ уште е во болницата и ќе има потреба да продолжи нејзиниот престој. Сите имаа изгореници од различен обем, не можам да кажам конкретно бидејќи сите имаат различни проценти на изгореници. Најголем дел од нив имаа т.н. инхалациони повреди, така што по средувањето на состојбата во однос на инхалационите повреди, во онаа фаза во кое што е стигнато лекувањето, во странство се правеа контроли и се пуштаа на домашно лекување – рече Настов.