СПОРЕД ПАЛЕВСКИ, СНИМКИТЕ СЕ МОНТИРАНИ, А ВРЕМЕТО ВО НИВ Е ФАЛСИФИКУВАНО Тврди дека Обвинителството нема докази против него

Палевски го обвини Обвинителството дека сакало да го компромитира целото негово семејство, вклучително и неговата 83-годишна мајка, а блискиот соработник Кешишев, го обвини дека го прислушкувал.

2,640

Првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски, тврди дека е обвинет со фалсификувани докази и дека судот сака да го прогласи за виновен врз основа на неточни изјави од другите сообвинети. Тој го обвини судот за пристрасност и рече дека не може да се прогласи човек за виновен ако нечија изјава нема поткрепа со материјален доказ.

Точно ли е видеото од камерите од куќата на Велибор Манев кое Обвинителството го презентираше во судот? – праша адвокатот Страшевски.






– Тоа видео кое го гледавме е збир од повеќе инсерти од повеќе настани, а не од еден како што тврди Јавното обвинителство. Видеата се составени и презентирани, а времето е фалсификувано. Вештачено е на 28 и на 29 август 2024 година, а одземено 8 месеци претходно, на 03.12.2023 од домот на Велибор Манев, заедно со фискалната сметка за WD-40. На ова видео, јас спротиставувам два доказа, кои се факти, не се од приватни камери, туку од два државни сервера. Едниот од Сејф сити на МВР и ЛПР-извештај од 1 декември 2023 година на серверот на Сејф сити, со кој е недвосмислено утврдено дека возилото „рено кангу“ на 22.11.2023 во 00.14 се наоѓа во центарот на Скопје, регистрирано на камера 67, нов мост, железничка. Но, ОЈО со видео доказот тврди дека возилото е во Велес. Тоа е еден од доказите кој се спротиставува на доказот, дека времето во видеото од дворот е манипулирано. Втор важен доказ е број 168 на Обвинителството, кој не беше изведен, а мене ми беше забрането со решение до Судот, да го изведам. Се работи за плаќање на гориво во критичното време во близина на штабот на бензинска на „Макпетрол“, Сајмиште 2, со возилото „кангу“, каде јас плаќам со својата кредитна картичка „виза“. Судот ја покажа својата пристрасност со самото именување на доказот. Судот го праша Кешишев за видеото од грабнувањето на Панче, дали е точно, на што Кешишев одговори „да, точно е“. Но, на видеото нема ниту еден предмет, лице, индиција дека се работи за грабнување на Панче. Не постои WD-40 на видеото, не постои „цитроен“ во видеото, нема телефон, ниту сива церада. Така што, именување на тој доказ на начин дека е грабнување на Панче, само ја покажува намерата на судот со обична неточна изјава и со видео да ме прогласи за виновен. Спротивно на член 400 не може да се прогласи виновен човек ако нечија изјава нема поткрепа со материјален доказ. Овој материјален доказ е побиен од два државни сервера со кои се докажува дека времињата на видеата се неточни. Но, очајниот обид со изјава да се потврди вистинитоста на видеото е невозможна затоа што доказната вредност на видеото е никаква – рече Палевски.

Тој рече дека во видеата има вечер и утро, а не две вечери.

– Во својот исказ Манев кажува дека првата вечер сме се договориле да го грабнеме Панче следната вечер и сме заминале во Скопје. Првата вечер сме имале извидување на објектот. А според Кешишев, сме имале прв обид да го грабнеме. Двајцата даваат различни изјави на ист настан. Кешишев тврдеше дека после состанокот по пристигнувањето, сме заминале пеш кон куќата на Жежовски, а тој нѐ чекал на некој пат во близина на куќата на Панче. Чекал 30 минути, по што јас сум се вратил, сум кажал „Ништо не бива“ и сме заминале директно за Скопје, ние двајцата. Тоа значи дека во 23 часот, ние сме заминале во Скопје, а во видеото до 00.13 минути сме присутни пред куќата на Манев – рече Палевски.

Тој рече дека Кешишев тврди дека во 7.30 на 22.11.2023 од Скопје директно пристигнал на паркингот кај пругата во Велес, а во видеото Кешишев и „кангуто“ се пред куќата на Манев.

– Јас директно го прашав Кешишев дали сабајлето дошол директно на паркингот кај пругата во 7.30 часот и тој рече „да“, што е директно негирање на тоа што го гледавме во судницата, дека Кешишев во тоа време е пред куќата на Манев. Не може исказ кој го негира видеото да се користи за потврда на тоа видео. Или видеото е точно или она што го тврдат обвинетите – рече Палевски.

Тој повтори дека на 22.11.2023 пишувал кривична пријава против Зоран Заев и Оливер Спасовски за продажбата на Чебрен и Галиште. Палевски живеел на горниот кат, каде имал спална и голема сцена за поткасти, режија и 4 компјутери. Тој го обвини Кешишев дека ги прислушувал сите негови разговори.

– Реченицата „Сакал таму нешто да гради“, што ја кажа Кешишев во својот исказ, мислејќи на мене и месноста Дупки. Тоа е разговор помеѓу мене и мојот брат во ноември, близу до критичното време, не се сеќавам. Брат ми дојде во штабот за да ми помогне да продадам трафостаница, која не ја предадов на ЕВН, оти не беше заинтересирана. Брат ми иницираше идеја од продажбата на трафостаницата да направам викендица на мали плацеви кои се негова сопственост, а нема комерцијален интерес за нив. Од тој разговор, за да се произведат индиции и за да се злоупотреби моето потекло од Скопска Црна Гора во ова злосторство, имаше потреба да се каже дека сум сакал да градам нешто таму – рече Палевски.

Тој го обвини Обвинителството дека сакало да го компромитира целото негово семејство, вклучително и неговата 83-годишна мајка.

– Важно беше да се постави прашањето дека мојата мајка ѕвонела на телефонот на убиеното дете 6 дена по убиството. На такво поставено прашање во случај на двојно убиство Обвинителството е должно да каже од каде мајка ми го знае бројот на Вања Ѓорчевска за да врти. Но целта не беше да се добие одговор и да се дознае некој факт, туку да се компромитира и моето пошироко семејство. Од такво поставено прашање е логично дека мајка ми е соучесник и вртела на бројот на оштетеното дете. Во недостиг на доказо, Обвинителството на чело со Гаврил Бубевски има инсинуации и индиции, но докази нема – рече Палевски.

Поврзани содржини