СУДИЈАТА РИСТОВ НЕГИРА ВИНА ЗА СОЅИДАНИТЕ 350.000 ЕВРА Одбраната ќе докажува дека парите ги стекнале неговите родители
Според одбраната на судијата Ѓоко Ристов, доказите ќе покажат дека неговите родители легално го спечалиле овој имот. Обвинителството, пак, ќе докажува дека Ристов свесно го користел делот од куќата каде беа најдени 350.000 евра.
Апелациониот судија Ѓоко Ристов, кому истражителите му најдоа 350.000 евра скриени во ѕид во домот на неговите родители во Неготино, денеска на почетокот на судскиот процес во Кривичниот суд се изјасни како невин за кривичните дела што му се ставаат на товар.
– Не се чувствувам виновен ниту за првото, ниту за второто кривично дело со оглед на правната квалификација – изјави Ристов пред судот.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, пак, тврди дека рече дека Ристов свесно презел дејствија спротивно на одговорноста на која го повикува судската тога. Обвинителството, како што беше кажано, ќе докажува дека Ристов како судија во Апелационен суд, дал лажни податоци за својата имотна состојба, а ќе се докажува и за прикривање на податоци за имотот на обвинетиот. Ќе се докажува дека Ристов го користел делот од куќата каде биле најдени парите, кои биле криени, според обвинението, зад кујнски елементи.
Обвинетиот, за кого беше кажано дека е женет, татко на две деца, рече дека разбрал што му се става на товар, но, не се чувствува виновен ниту за првото, ниту за второто. Ристов нагласи и дека за перење пари мора да има кривично дело од кое потекнуваат тие пари.
Од одбраната на Ристов, во судницата денеска беа присутни бранителите Ѕвонко Давидовиќ и Душко Јанковиќ. Давидовиќ, меѓу другото, рече дека одбраната во текот на оваа постапка ќе се судри со теоријата на Обвинителството наречена „ѕидовите зборуваат, а доказите молчат“. Тој наведе дека за среќа, чувствата во судница не зборуваат, туку зборува ладнокрвноста на доказите.
– Мојот клиент со децении професионално ја извршувал својата професија и пред да се појави во судницата, во јавноста веќе беше осуден – додаде бранителот во неговиот говор во судницата.
Ниту еден доказ, како што подвлече тој, не ги поврзувал Ристов и неговата функција.
Давидовиќ рече дека во текот на постапката, одбраната на судот ќе му докаже за легалното потекло на имотот на родителите на обвинетиот. Според одбраната, легалните докази ќе покажат дека неговите родители легално го спечалиле овој имот.
Давидовиќ рече и дека неосновано е поврзувањето на парите со обвинетиот.
На 17 април, Јавното обвинителство на Репбулика Северна Македонија соопшти дека биле преземени повеќе дејствија и претреси, при кои на 18.01.2026 година во дом на родители на судија во Неготино, пронајдени биле вкупно 350.000 евра за чие потекло, тој немал доказ и не ги пријавил.
„Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите. Ова предизвика основано сомнение дека овој осомничен во периодот од 10.02.2020 година, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи“, објави ЈО.
Притоа Обвинителството информираше дека од поведувањето на постапката, јавниот обвинител презел повеќе дејствија, со кои обезбедил цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.
Следното рочиште е на 9 јуни.