ПРОМЕНИ НА ВРВОТ НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА Ѓуроски го менува Антиќ, во КФМ влегува со легендарен „дрим-тим“
Негови најблиски соработници ќе бидат тројца од четворицата најдобри македонски кошаркари на сите времиња: Петар Наумоски, Врбица Стефанов и Владо Илиевски. Тројцата прифатиле да му се придружат и активно да учествуваат во реформите за враќање на македонската кошарка на мапата на европскиот спорт.
На 30 април, во салата за прес-конференции при Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ќе се одржи вонредно Собрание на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), на кое, според најавите, ќе дојде до промена на досегашниот претседател Перо Антиќ.
Негов наследник треба да биде Младен Ѓуроски – поранешен репрезентативец и играч на неколку македонски клубови – кој веќе ја има обезбедено поддршката од огромното мнозинство на клубовите низ земјава. Според податоците, зад неговата кандидатура официјално застанале 36 клубови, а тој денеска лично ја доставил одлуката за свикување на собрание до Куќата на кошарката.
„Иницијативниот одбор врз основа на членот 36 од Статутот на Кошаркарска Федерациа на Северна Македонија свикува вонредно собрание на 30 април со почеток во 16 часот во салата за прес-конференции при СЦ Борис Трајковски“, стои во официјалното соопштение испратено до федерацијата.
Промената на врвот на КФМ не доаѓа сама – Ѓуроски најавува вистинска кошаркарска офанзива со нов тим кој ги обединува некои од најголемите имиња во историјата на македонскиот спорт. Негови најблиски соработници ќе бидат тројца од четворицата најдобри македонски кошаркари на сите времиња: Петар Наумоски, Врбица Стефанов и Владо Илиевски. Тројцата прифатиле да му се придружат и активно да учествуваат во реформите за враќање на македонската кошарка на мапата на европскиот спорт.
Посебно внимание привлекува и вклучувањето на Томе Главчев – човекот зад кошаркарското чудо Блокотехна, клубот кој освои трофеј во БИБЛ лигата и стана втор македонски тим со меѓународен успех. Главчев долги години е активен во спортот како спонзор на Кожув, помагател на МЗТ Скопје и Куманово, и член на Управниот одбор на КФМ во неколку наврати.
Оваа силна екипа, позната и како „дрим-тим“, најавува нова ера за македонската кошарка. Според последните информации, Ѓуроски и неговиот тим се целосно подготвени да се соочат со сите предизвици кои ги носи преземањето на федерацијата и да започнат сериозна работа за подигање на спортот на повисоко ниво.
„Ние сме тука да ја вратиме македонската кошарка таму каде што ѝ е местото – на европската сцена. Имаме план, имаме енергија и најважно од сè – имаме поддршка од целата кошаркарска заедница,“ велат луѓе блиски до Ѓуроски.