ЕВЕ СО КОГО ПРЕГОВАРАМЕ Бугарскиот историчар Ангел Димитров тврди дека македонскиот идентитет е производ на Белград и на Москва
Бугарскиот историчар и копретседател на бугарскиот дел на мешовитата Комисија за историски и образовни прашања со Македонија, Ангел Димитров, ја презентираше книгата „Бугарија и Република Северна Македонија. Средба меѓу историјата и политиката“ во којашто пишува дека „македонскиот идентитет е производ на Белград и на Москва“.
„Македонскиот идентитет е производ на Белград и на Москва“.
Ова го вели бугарскиот историчар и копретседател на бугарскиот дел на мешовитата Комисија за историски и образовни прашања со Македонија, Ангел Димитров во презентацијата на својата книга „Бугарија и Република Северна Македонија. Средба меѓу историјата и политиката“.
Димитров истакна дека идејата за книгата потекнува од 2021 година. Тој својата работа ја дефинира како анализа на модерноста и нагласи дека книгата обработува прашања од големо значење како за иднината, така и за добрососедските односи меѓу двете земји.
„Република Северна Македонија не може да избега од југословенската орбита во која е создадена. Тешко е да се излезе од ова наследство и тоа важи и за политичката класа“, рече бугарскиот историчар, пренесува БГНЕС.
Новата книга на Димитров е продолжение на „Република Македонија меѓу Југославија и национализмот“, објавена во 2011 година.
БГНЕС пишува дека новото истражување фрла светлина врз српско-југословенските планови за Македонија, причините за одбивањето на политичката елита во Скопје искрено да ѝ се приближи на Бугарија и нејзината папочна врвца со Белград и Москва.
– Зошто мораше да се напише оваа книга? Затоа што допира прашања со пулсирачко историско значење и директно влијание врз можноста за вистинска, добра и заедничка иднина меѓу двете соседни земји. Република Македонија не е во состојба да избега од југословенската орбита во која се креираше државната политика. Идеологијата на македонизмот е идеолошката оска на сите влади кои сносат одговорност за иднината на оваа држава (Република Македонија). Ни треба искрена, пријателска иднина меѓу двете земји – изјави Димитров.
Димитров објасни дека длабоката држава во Скопје има моќ да го обликува општеството и политиката. Во конкретниот случај, тоа се сите овие структури и поединци поврзани со старите служби кои ја држат економската моќ.
Според Димитров, македонскиот идентитет е производ на Белград и Москва, на старата српска доктрина на Стојан Новаковиќ и нејзината последователна модификација од страна на Коминтерната.
– Помирувањето е можно ако се постигне историска, социјална и политичка катарза. Се надевам дека луѓето не го изгубиле чувството за блискост со Бугарија – додаде историчарот.