ВО ВРЕДИ СЕ ОЧЕКУВА ОДЛУКА ДЕКА ЗАЕДНО ЌЕ НАСТАПАТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ Таравари сакал да имаат посебни листи за советници

Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами денеска рече дека доминантното мислење во коалицијата Вреди е дека треба да настапат заедно на локалните избори во октомври, затоа што вредноста на секој поединечен субјект е поголема ако е дел од коалицијата, отколку ако е надвор.

626

Партиите во коалицијата Вреди се со доминантно мислење дека заедно треба да настапат на локалните избори во октомври, најави денеска од Тетово, Биљал Касами, претседател на партијата Беса, која е дел од коалицијата.

Касами рече дека Арбен Таравари од Алијансата на Албанците истакнал различно размислување за советничките листи.






– Во делот на листите за советници, тој цени дека доколку би отишле посебно секоја партија би собрале повеќе гласови, за да го добиеме тој легитимитет и на локалните избори. Но, кај сите други субјекти во рамките на коалицијата доминира идејата дека вредноста на секој поединечен субјект е поголема како дел од коалицијата, отколку ако би бил надвор од коалицијата. Така што, останува Алијансата на Албанците да се одлучи дали ќе биде дел од коалицијата на локалните избори или ќе оди посебно – рече Касами во Тетово, на брифинг со медиумите.

Според Касами, иако има различни мислења во коалицијата Вреди, таа е далеку од оние примери каде поделбите при одлучувањата резултираа со конфликти.

– Доминира идејата дека на следните избори одиме заедно и за градоначалници и за советници. Добро е тоа, за разлика од претходните процеси, каде во рамките на една партија имаше поголеми поделби, дури имаше и тепачки и убиства. Во рамките на коалицијата Вреди немаат такви поделби до тоа ниво. Има дебати, има размислувања, а поради тоа што има 4 субјекти плус Самоопределување, сигурно има и различни размислувања. Но, но јас сум сигурен дека на крај ќе излеземе со еден став дека ќе одиме заедно и за градоначалници и за советници – рече градоначалникот на Тетово, Касами.

Тој најави дека од неговата партијата, Движење Беса, ќе бидат номинирани кандидатите за градоначалници на општините  Тетово и Желино. Кандидатот за градоначалник на Чаир ќе биде од партијата на Изет Меџити, а во Гостивар коалицијата ќе предложи кандидат од партијата на  Таравари.

Поврзани содржини