КАРАТИСТОТ ВИДЕВСКИ НЕГИРАШЕ СЀ, ЌЕ СЕ ЧИТА ШТО КАЖАЛ ВО ИСТРАГАТА Продолжува судењето за убиствата на Вања и на Панче

На минатото рочиште Боре Видевски ја негираше вината за двете грабнувања и убиства. Рече дека за време на убиството на Жежовски бил на работа, а за време на убиството на Ѓорчевска спиел во седиштето на партијата Десна во Скопје до 10 часот, по што си отишол дома во Велес.

3,356

Со читање на двата исказа што третообвинетиот Боре Видевки од Велес ги дал пред јавен обвинител во истрагата денеска во Кривичниот суд ќе продолжи судењето за грабнувањата и за свирепите убиства на 74-годишниот Панче Жежовски и на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Потоа Видевски ќе го испрашуваат адвокатите на останатите обвинети и судијата Ивица Стефановски.

На минатото рочиште Боре Видевски ја негираше вината за двете грабнувања и убиства. Рече дека за време на убиството на Жежовски бил на работа, а за време на убиството на Ѓорчевска спиел во седиштето на партијата Десна во Скопје до 10 часот, по што си отишол дома во Велес. Поради тоа што на суд дава различни наводи од истрагата, обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска побара да се прочитаат исказите на Видевски дадени во ОЈО Скопје на 4 и на 12 декември 2023 година.






За убиствата на Панче и на Вања, што се случија на 22 ноември 2023 година во околината на Велес и на 27 ноември 2023 година во околината на Скопје, освен на каратистот Видевски, им се суди и на Љупчо Палевски Палчо, поранешен лидер на Десна и на Велибор Манев и на Влатко Кешишев, сопартијци на Палчо. Му се суди и на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

Пред Видевски сведочеше второобвинетиот Манев, кој во детали ги призна злосторствата и го посочи и Боре како соучесник. Манев рече дека во Панче и во Вања пукал Палчо, а девојчето го грабнале по грешка, односно требало да грабнат жена. Рече и дека Александар е невин, а во истрагата го посочил под присила и ќотек од полицајците.

Ги негираше доказите

Видевски на минатото рочиште ги негираше доказите против него.

За снимките од пред куќата на Велибор Манев, за кои Обвинителството тврди дека се од вечерта пред да биде убиен Жежовски и од деновите потоа, Видевски вели дека не се од тој период. Во врска со содржината на снимките, на кои се гледаат како со Палевски шетаат по улицата со радиостаници во рацете, Видевски рече дека вршат подготовки за да се одржи црковна литија во Велес, како активност на партијата Десна.

обвинетиот Боре Видевски

Рече дека вечерта на 21 ноември бил дома и со домашните ја славел славата Свети Архангел Михаил. Немал гости, а домашните не ги викнал за сведоци затоа што сметал дека Обвинителството нема да ги прифати нивните искази, оти ќе ги смета за пристрасни.

За неговите биолошки траги што се пронајдени во возилото „рено кангу“ рече дека го возел при преселбата на партијата.

За време на убиството на Жежовски, на 22 ноември рече дека бил на работа од 7 до 15 часот, а потоа бил дома. Рече дека не знае дали некој колега го видел на работа тој ден, но додаде дека има потврда дека бил на работа. За време на убиството на Вања рече дека бил во седиштето на партијата Десна и спиел. Претходната вечер со Велибор Манев дошле во Скопје и во партиското седиште останале до доцна, разговарајќи за партиски теми, по што си легнале. Кажа дека станал околу 10 часот, останатите тројца биле, исто така, таму, по што тој и Манев заминале во Велес.

Рече дека има ловечка пушка и понекогаш оди во лов, но и дека има аверзија кон оружје, па одамна не знае каде му е пиштолот.

Таткото Александар го посочил под присила

Каратистот Видевски е втор од обвинетите кој сведочи дека го посочил таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како вмешан во киднапирањето на неговата ќерка, под присила од полицијата. Рече дека кажал дека го познава Александар откако полицаец со дрвна палка му се заканил дека ќе го убие.

Видевски тврди дека и во полициската станица и во притворот полицајците многу го тепале, а низ тепањето му повторувале какви детали за злосторствата треба да признае. Рече дека признал сè од страв од тепањето, затоа што има трансплантирани бубрези.

Адвокатот на Видевски, Бојан Манев, по судењето рече дека има сведоци дека Боре на 22 ноември бил на работа. За сведочењето на Велибор Манев, кој ги призна злосторствата и рече дека и Боре учествувал, адвокатот Манев рече дека е невистинито. Додаде и дека времето на смртта на Панче Жежовски е проблематично, затоа што постојат снимки од бензинска на „Лукоил“ од 22 ноември во 12 часот на кои се гледа дека Жежовски во тој момент сè уште е жив, а според обвинението бил убиен во 9 часот.

По Видевки, искази ќе даваат Кешишев, Ѓорчевски и првообвинетиот Палевски, а потоа ќе следува дополнение на доказната постапка.

Според обвинението Палевски, Манев, Видевски и Кешишов ја грабнале 14-годишната Ѓорчевска за да присилат член на нејзиното семејство да даде откуп, но ја убиле. Жежовски го грабнале и го убиле за да му го земат „цитроенот“, кој им требал за грабнувањето на девојчето.

Поврзани содржини