ВЕРИЖНИ ПРОПУСТИ НА ПОВЕЌЕ НАДЛЕЖНИ ДОВЕДОА ДО СМРТ НА 59 ЛУЃЕ Пиротехниката го запалила пожарот во кабарето полно со 650 луѓе
Обвинителот Коцевски информира дека се гонат тие што ги издале лиценците, тие што не контролирале, сопственикот кој го владеел кабарето, член на бендот ДНК, обезбедувачите кои направиле пропусти и дозволиле да влезат малолетници и да се внесе пиротехниката.
Во досегашниот тек на истрагата за трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани опфатени се вкупно 34 физички лица и три правни субјекти и сите се обезбедени од страна на полицијата, информираше денеска државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. За пожарот во кој загинаа 59 луѓе, а 197 се повредени, досега се осомничени 27 физички лица. Кочанското обвинителство за 24 лица бара 30-дневен притвор, а 3 лица сè уште се на лекување во болница.
Обвинителот Коцевски информира дека се гонат тие што ги издале лиценците, тие што не контролирале, сопственикот кој го владеел кабарето, член на бендот ДНК, обезбедувачите кои направиле пропусти и дозволиле да влезат малолетници и да се внесе пиротехниката.
– Постои основано сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата безбедност. Сите осомничени, секој од аспект на своето својство, во периодот од 2012 година до 16.3.2025 година, сите заеднички, воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и така предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имотот од невидени размери. Верижните пропусти и незаконити дејствија на службените лица доведоа до тоа при користење на пиротехничките средства, на 16.3.2025 година, за време на настапот на ДНК, да биде предизвикан пожар, во кој настапила смрт на 59 лица, од кои 6 деца, а биле повредени 197 лица. Доколку се обезбедат докази во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица, кои биле свесни дека со нивното сторување или несторување, може да настапи штетна последица, ама не презеле ништо – рече Коцевски.
Три осомничени лица се сосопственици или управители, додаде тој. Првиот е закупец каде е лоциран клубот и тој е реален сопственик, рече Коцевски.
– Објектот кој имал намена за лесна индустрија, не исполнувал услови да биде кабаре, но осомничените добиле лиценца и организирале угостителски услуги. Сите знаеле дека клубот не ги исполнува условите за угостителска објект. Постои сомнение дека првоосомничениот од 13.2.2024 година до 13.2.2025 година, на службено лице од Министерството за економија дал паричен износ да изврши дејствие кое не смеел да го направи – обезбедил лиценца. Против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за примање поткуп. Една осомничена е сопственичка и управителка на правно лице, кое направило проект за да може да врши работа-кабаре, иако знаела дека не постојат услови да се пренамени објектот. Проектот во континуитет бил користен за добивање лиценци. Била побарана промена на проектот, а таа без да изврши проверки, ги направила – рече Коцевски.
Од Министерството за економија осомничени се поранешен министер, поранешен државен секретар, раководител, службено лице, помлад соработник, кои, како што рече Коцевски, не постапиле според мерките на заштита.
Поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори се, исто така, осомничени.
– Иако биле должни да прават надзор, не ги извршиле своите обврски. Во ниту еден наврат не извршиле контрола на правното лице, за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува минималните технички услови. Овозможиле кабарето да ја продолжи угостителска дејност – додаде Коцевски.
За тројцата градоначалници на Кочани од 2012 година до 2025 година, како и за ексдиректорите на Дирекцијата за заштита и спасување, тој вели не ги извршиле своите правни обврски, согласно закон, за заштита и спасување, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконски да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност.
– Општината примала уплати за надоместок од кабарето -додаде Коцевски.
Тој посочи дека осомничени се и обезбедувачите.
– Тие овозможиле влез на 650 посетители, имало најмалку 31 дете. Едно лице продавало билети, без да води сметка за возраста. Овозможиле влез и присуство на малолетници на настанот. Членовите на обезбедувањето не спречиле во угостителскиот објект да се внесат експлозивни материи, иако за тоа немале задолжителна дозвола за да ракуваат со пиротехниката, ниту пак, пиротехниката тоа го дозволувала – рече Коцевски.
Осомничен е и член на бендот ДНК.
– Постои сомневање, дека осомничените околу 2 часот по полноќ ги активирале пиротехничките средства – додаде Коцевски.
И полициски службеници, вкупно 7, кои издале согласност од МВР, се осомничени.
Еден од осомничените, одговорно лице во клубот, усно организирал концерт без формално пропишан договор, со групата ДНК, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска на прес-конференција во Кочани.
– Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16.3.2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери – рече Коцевски.
Како што додаде тој, верижните пропусти на одговорните лица довеле до избувнување на пожар како последица на употреба на пиротехнички средства.
– Доколку се обезбедат докази, во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица. Објектот, со намена за лесна индустрија, којшто се наоѓал во индустриска зона воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект, кабаре, согласно законот за угостителска дејност, но во континуитет, во целиот период, осомничените добивале лиценца, незаконито и организирале угостителски услуги – рече Коцевски.