Кочани 2025 – Гетеборг 1998: пожар и катастрофална недоверба

Катастрофалните несреќи се веројатно насекаде проследени со отрезнувачки ефект, но, пред сè, со големи и тешки трауми. И тоа без оглед дали се случуваат поради широко распространета неодговорност и незапирлива алчност за лично богатење во девастирани општества според примерот на Македонија, или, пак, во развиени земји и општествени функционални системи кои обично се земаат како урнек во светски рамки.

962

Поуки по катастрофални настани со многу човечки жртви се неизбежно во фокусот на вниманието околу трагичните последици. Но нема никакво сомнение дека поуки се веќе присутни, и предупредувачки, и пред да се случи несреќата.

Веќе е констатирано, иако тоа ни од далеку не може да ја има силата на некаква исцелителна утеха, дека димензиите на енормната трагедија со 59 жртви во катастрофалниот пожар во Кочани, би биле значајно помали доколку транзициска Македонија не беше толку длабоко корумпирано општество, каде што не функционира систем и почитување на законите и прописите за превентивни мерки за безбедност и заштита на човечки животи.






Катастрофалните несреќи се веројатно насекаде проследени со отрезнувачки ефект, но, пред сè, со големи и тешки трауми. И тоа без оглед дали се случуваат поради широко распространета неодговорност и незапирлива алчност за лично богатење во девастирани општества според примерот на Македонија, или, пак, во развиени земји и општествени функционални системи кои обично се земаат како урнек во светски рамки.

На сличен начин како трагедијата во Кочани, во Шведска пред 26 години се случи тешка катастрофа со голем број жртви и повредени. Уште ми се живи сеќавањата на таа октомвриска ноќ во 1998 година кога на телетекстот на Шведска телевизија беше објавено дека во Македонското друштво „Гоце Делчев“ во Гетеборг избувнал пожар. Просториите на друштвото тогаш беа изнајмени и во моментот на избувнување на пожарот таму се одржувала диско вечер. За кратко време огнената стихија однесе 63 животи, главно деца и млади луѓе на возраст 12-25 години, а преку 200 беа повредени.

Околностите кои му претходеле на огненото инферно се грозоморни. Организаторите на диско вечерта продале околу 400 влезници во сала, во која, според важечките прописи, било дозволено собирање на максимално 150 лица. Дел од меблите, со цел да се ослободи поголема површина за танцување, биле преместени кај задната излезна врата, која била користена и како излез во случај на нужда. Останала само една можност за бегство, тесната влезна врата, широка 90-тина сантиметри, која во паничната турканица била заглавена.

Интересен е и детаљот дека од страна на управниот одбор на Македонското друштво „Гоце Делчев“, кое во ги користеше тие простории под закуп, било побарано од надлежните општински институции во Гетеборг да се одобрат средства за адаптација на прозорците во салата, кои биле поставени на ѕидовите на висина околу два метра. Барањето било одбиено. Но токму високо поставените прозорци во значајна мера ја претвориле салата за диско вечер во смртна стапица, бидејќи не бил голем бројот на оние кои успеале да се искачат и спасат на тој начин.

И потоа, како тешка камена плоча врз целата трагедија, се спуштаат поуките кои биле извлечени. Државната комисија за хаварии доби задача од шведската Влада да спроведе истрага, која, меѓу другото, покажа дека пристигнувањето на противпожарните возила и спасителните екипи било пречекано со одбивност, жестоки навреди, закани, па дури и со физички напади од страна на оние кои успеале да се извлечат надвор од инферното.

Тоа за надлежните шведски органи претставувало јасно сознание за големата недоверба на млади луѓе, во овој случај имигранти од различно етничко потекло, во институциите. Многумина од тие млади не случајно биле на една таква импровизирана диско вечер, бидејќи во атрактивните дискотеки во градот не би биле пуштени да влезат. Шведските политичари почнаа да зборуваат за потребите да се подобри интеграцијата на доселениците во општеството, но таа работа, за жал, ни ден денес не дава охрабрувачки резултати.

„Ползев и скокав преку телата на девојчиња паднати на подот за да се спасам. Со таа слика живеам секој ден“, рече еден од преживеаните на церемонијата за сеќавање по повод 25-годишнината од катастрофалниот пожар во Гетеборг.

Димензиите на оваа трагедија во Гетеборг сè уште потешки да се сфатат, имајќи предвид дека пожарот бил подметнат од страна на четворица млади кои не биле пуштени да влезат на диско вечерта. Тие беа осудени на долги затворски казни во траење од осум и седум години, а денеска живеат со заштитен идентитет.

По сите години кои поминаа од гетеборшката трагедија, сегрегацијата, криминалот и социјалните разлики во Шведска сè уште повеќе продлабочени. Општествениот развој кој се заговараше, едно општество за сите, не се движи кон посакуваната насока. За многумина затоа е клучно прашањето како можеле заложбите на шведските политички партии да бидат толку неуспешни. Поуки постоеле и можеле да бидат јасно прочитани и пред трагичната 1998 година.

Катастрофални пожари ќе се случуваат и во иднина. Кочани и Македонија се најновиот општествен аларм. Се разбира дека македонските политички партии, без исклучок, можат само да ја констатираат енормната поразителност на сопствените повеќедецениски недоследности, импровизации и неодговорност пред граѓаните и избирачите. Трагичниот биланс по големата трагедија која ги потресе темелите на општеството удира уште еден темен печат врз бескрајните партиско-политички глодања, и незаситната и беспоштедна борба за фотелји, привилегии и неказниви злоупотреби од сите можни видови.

Тежината на последиците можеби најмногу се гледа преку масовното иселување од Македонија. Кон параходот кој заминува најмногу итаат токму младите. Длабоко партизираното општество сè уште нема одговор како да ги задржи, каква иднина да им понуди?

Доколку услов без кој не се може во Македонија и понатаму е добивање партиска книшка и припадност кон „вистинската“ партија, која ти дава парче леб и ти ветува иднина, тогаш не останува уште многу пред таквото условување целосно да ги разјаде темелите врз кои се ниша македонското општество. Зафатено со летаргија и катастрофална недоверба дека подобри развојни перспективи се сепак можни и остварливи.

Поврзани содржини