ДОСТА Е СО НАЦИОНАЛНИ И ИДЕНТИТЕТСКИ ОТСТАПКИ Ние водиме битка за афирмирање на нашите позиции

Факт е дека уставните измени не се единствената билатерална пречка која го попречува нашето зачленување во Унијата, и тоа е нешто што за нас како држава не е прифатливо, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

546

Ние сме земја членка на НАТО и мораме да имаме проактивна надворешна политика со соодветна процена на регионот во кој живееме. Во суштина, цела Европа го поздрави последниот предлог за примирје во Украина со посредство на САД – решение кое содејствува со содржината на Резолуцијата зад која застанавме и ние, истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во денешното гостување на Сител.

– Како Влада, ќе продолжиме да бидеме активен чинител, ќе продолжиме јасно да ги афирмираме нашите позиции и ќе работиме со Европската Унија и со САД, но пред да носиме каква било одлука, мораме да ги согледаме сите импликации врз нашите интереси – рече Муцунски.






Тој додаде дека ние не водиме натпревар со соседите, туку битка за афирмирање на нашите позиции. Потенцираше дека доколку и претходните влади во изминатите 7 години воделе ваква политика, немаше да бидеме во позицијата во која сме сега.

– Наша обврска е кон народот што нè избрал и ни дал легитимитет, да го направиме неговиот живот подобар, да создадеме економска благосостојба и функционална држава – рече министерот Муцунски.

Во врска со прашањето со соседна Бугарија, тој го повтори очекувањето за дијалог помеѓу двете страни. Притоа децидно нагласи дека дијалогот со сите чинители ќе се води во насока на заштита на националните интереси на државата.

– Факт е дека уставните измени не се единствената билатерална пречка која го попречува нашето зачленување во Унијата, и тоа е нешто што за нас како држава не е прифатливо. Доста е со национални и идентитетски отстапки за полноправно членство во Унијата. Ние активно ќе продолжиме да ја убедуваме Бугарија дека нејзин интерес е да одиме напред кон Унијата, но и со нашите партнери ќе работиме на изнаоѓање компромисно решение кое нам  како држава ќе ни даде предвидлив пат и извесност за нашата стратешка цел, членство во ЕУ – истакна министерот Муцунски.

Тој говореше и за протестите во соседна Србија, притоа нагласувајќи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија редовно ги следи случувањата во регионот и потенцијалните импликации за нашата држава. Изрази надеж дека протестите ќе завршат на мирен начин и дека не треба да бидат причина за загриженост кај македонските граѓани.

 

Поврзани содржини