📷 ВЕЧЕР НА ВРВНА УМЕТНОСТ И ЕМОЦИИ Пласидо Доминго ја маѓепса скопската публика

Со својата раскошна интерпретација и моќна сценска присутност, славниот тенор ги воодушеви присутните, носејќи ги низ репертоар од најпознатите оперски арии и шпанска музика.

231

Скопје вечерва беше сведок на музичка магија – легендарниот Пласидо Доминго за првпат настапи во Македонија, а неговиот концерт во салата „Борис Трајковски“ ќе остане запишан како незаборавно доживување.

Со својата раскошна интерпретација и моќна сценска присутност, славниот тенор ги воодушеви присутните, носејќи ги низ репертоар од најпознатите оперски арии и шпанска музика.






Во првиот дел на концертот, Доминго заедно со италијанската сопранистка Марија Жосе Сири ги оживеа мелодиите на Пучини, Верди и Белини, додека во вториот дел ја внесе публиката во светот на шпанската музичка традиција со дела од Штраус и Лехар.

Диригентската палка беше во рацете на Жорди Бернасер, кој со врвна музичка контрола и страстен израз создаде перфектна синергија меѓу оркестарот и солистите.

Доминго пристигна во Скопје завчера и веднаш ја покажа својата посветеност – без одмор, директно од аеродромот замина во Националната опера и балет, каде што ја одржа првата проба со оркестарот. Веќе тогаш беше јасно дека македонската публика ќе биде сведок на извонреден спектакл.

Доминго докажа дека неговата уметност и натаму плени, инспирира и остава неизбришлив траг, a македонската публика не само што присуствуваше на концерт, таа беше дел од историски музички момент.

Пласидо Доминго има кариера, која се протега 50 години, и е заслужен дел од светската оперска уметност. Досега имал над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Доминго, како што рече, е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Доминго бил член на Тројцата тенори, режисер, диригент, почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.

Марија Хозе Сири е драмски сопран број еден во светот. Досега имала над 150 настапи, а во 2010 година настапи на Мајските оперски вечери.

Концертот го диригираше шпанскиот диригент Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго. Тој е еден од врвните шпански диригенти.

Како што информираа од „Прагма продукција“, гостувањето на Доминго е специјално и не е дел од некаква турнеја. Најавија дека продукцијата и озвучувањето на концертот ќе биде перфектно, додавајќи дека ова не е прв концерт на Пласидо Доминго во спортска сала.

„За една мала земја како што сме ние, ова е од големо значење. Маестро Доминго не почитува и како земја, тоа може да го видите во изјавите, и без никакво наше нагласување, земјава ја претстави како Македонија, во сите негови изјави и на неговата официјална веб-страница“, соопштија од „Прагма продукција“.

Маестро Доминго во пресрет на концертот преку видео изрази задоволство што ќе настапи во земјава и најави настан што долго ќе се памти.

– Програмата на концертот ќе ги разбуди сите емоции: радост, смеа и, се надевам, моменти кои ќе ги паметиме засекогаш. Ова е моја прва посета на Македонија и навистина сум возбуден што конечно ќе ја доживеам магијата на вашата прекрасна земја – порача Пласиди Доминго пред концертот.

Поврзани содржини