БУГАРИЈА САКА ДА ЈА ПРЕФРЛИ ВИНАТА ЗА НЕИСПОЛНЕТИТЕ ОБВРСКИ ВРЗ МАКЕДОНИЈА Пресудите од Стразбур се задолжителни за сите членки на Советот на Европа
Истакнуваме дека почитувањето и спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не се билатерални прашања, туку задолжителна обврска на секоја земја-членка на Советот на Европа, се вели во реакцијата на министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Исполнувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е задолжителна обврска на секоја земја-членка на Советот на Европа и Бугарија повторно се обидува одговорноста за неисполнетите обврски да ги префрли врз Македнија. Вака Министерството за надворешни работи и надворешна трговија му одговори на соодветното министерство во Софија откако претходно бугарското МНР кое во средата реагираше на, како што велат, „последователните настапи“, на премиерот Христијан Мицкоски.
„Истакнуваме дека почитувањето и спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не се билатерални прашања, туку задолжителна обврска на секоја земја-членка на Советот на Европа. Република Северна Македонија останува целосно посветена на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи како темелни вредности на европската интеграција, и не може да прифати нивно негирање или релативизирање, вклучително и кога станува збор за правата на припадниците на македонското малцинство во Република Бугарија“, се вели во реакцијата на македонското МНР.
Министерството исто така нагласува дека „Република Северна Македонија максимално е посветена на процесот на европска интеграција, сметајќи дека тој процес не треба да биде злоупотребен со воведување на дополнителни политички услови, кои не се дел од Копенхашките критериуми“.
Во реакцијата се вели и дека „политиката на условувања и неосновани обвинувања е непринципиелна пречка на евроинтегративниот пат на нашата држава и не придонесува за градење добрососедски односи, туку напротив – создава непотребни тензии кои не одговараат на европскиот дух на соработка“.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија истакна дека Македонија силно се залага за развивање на пријателските односи меѓу двете држави и за решавање на сите отворени прашања преку рамноправен дијалог, одговорно однесување, заемна почит и разбирање.
„Во наведената насока очекуваме еднакво конструктивен пристап и од страна на Република Бугарија, заснован на целосно почитување на целите и принципите на Повелбата на ОН и правилата на меѓународното право, затоа што тоа е во интерес на нашите граѓани, во интерес на двете земји и во прилог на зацврстување на регионалниот мир, стабилност, безбедност и заедничката европска перспектива“.
Во средата бугарското МНР соопшти дека последователните јавни настапи на македонскиот прмеиер Христијан Мицкоски се „обид за промовирање манипулативни и лажни тези кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Бугарија“ велејќи дека тоа е обид да се заобиколат обврските кои ги презела Македонија по однос на европскиот пат и спорот со Софија.