ГЕРМАНЦИТЕ САКААТ ПОЛУПАНСИОН ВО ОХРИД ЗА 25 ЕВРА Зошто Македонија ги собира само трошките од туризмот?

Владата се обидува да го подобри бројот на туристи и приходите во туризмот преку низа активности. Зголемен е бројот на саеми на кои ќе се претстави земјава како туристичка дестинација, а се промени и начинот на субвенционирање на авиокомпаниите од домашните аеродроми. Се субвенционираат дојдовните патници наместо тие што заминуваат.

912

Туристичките работници предвидуваат многу подобра сезона од ланската, но очекуваат и поголема доверба на државата кон секторот и настап на повеќе туристички пазари за да се постигне висок придонес на туризмот во развојот на економијата. Тие очекуваат поголеми инвестициски циклуси во секторот и поддршка од институциите за решавање на битните проблеми поврзани со нивното работење.

– Ние сме свесни дека напластените проблеми не се решаваат преку ноќ, но очекуваме некакво раздвижување и постепено да се решава она што нѐ спречува побрзо да го развиваме секторот. Задоволни сме што се работи на инфраструктурата што ќе даде додадена вредност на туризмот, што се прават обиди да се донесат туристи надвор од туристичката сезона. Тоа ќе помогне да се задржат работниците и да се влезе во сезоната со помали загуби, но треба да се направи многу повеќе работи – да се донесе стратегија која ќе се реализира, да се работи на комуналната инфраструктура и решавање на другите проблеми кои го загрозуваат развојот на туризмот – вели претседателот на здружението на хотелиери Крсто Блажевски.






Дел од хотелите на охридското крајбрежје веќе се реновираат и се очекува да бидат подготвени за сезоната која годинава можно е да биде далеку подобра иако остануваат проблемите со недостиг на работници и комуналните проблеми на општините.

– Како и минатите години проблемот со работниците ќе го решаваме како знаеме. Добро е што лани увезовме работници и се надеваме и годинава на тој начин да го премостиме периодот кога нашите работници заминуваат да работат во други земји – вели Блажевски.

Тој очекува државата да почне поинаку да се однесува кон туризмот за да може оваа гранка повеќе да придонесува за економскиот развој. Тој смета дека е добро тоа што државата се обиде да донесе повеќе гости надвор од сезоната.

– Хотелиерите веќе примаат гости од Германците коишто ги најави државата во соработка со домашни и германски тур-оператори кои се пренесуваат со авиокомпанијата „Фрибрд ерлајнс“. Но цената што ја дадоа Германците е ниска, 25 евра за полупансион. Дел од хотелите се согласија на оваа цена, дел сметаат поинаку, но проценката на секој хотел е поединечна и зависи што се сака да се постигне и дали ќе прифати гости по таа цена – вели тој.

И Влатко Сулев, претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), вели дека државата треба повеќе да размислува како да му помогне на туристичкиот сектор побрзо да се развива и да го држи чекорот со регионот кој веќе се искачи на врвот на светскиот туризам.

– Треба многу повеќе да се инвестира во туризмот, не мислам само во градење на објекти иако и тоа ни треба, туку во поттик од државата тој да се развива. Дали тоа ќе биде со давање кредити за реновирање или обнова на хотелските капацитети или преку пренасочување на дел од парите за енергетска ефикасност во овој сектор со што ќе се добијат енергетско ефикасни објекти кои ќе имаат помали трошоци, не е важно. Но, важно е да се инвестира во туристичкиот сектор и да се создаваат нови приказни кои ќе ја издвојат Македонија како туристичка дестинација и ќе придонесат за привлекување поголем број туристи. Притоа е важно, инвестирањето да не биде само од државата туку тоа да биде додадена вредност од самостојното инвестирање на сопствениците на хотелите. Во тој однос е добро што дел од хотелите веќе се реновираат, па владата може да им помогне во тоа – вели Сулев.

На тој начин, додава тој, државата ќе покаже дека верува дека туристичкиот сектор може да биде носител на економскиот раст, како и останатите сектори.

– Тука еднаква улога имаат и државата која ќе направи стратегија која ќе ја спроведува и туристичките работници кои ќе дадат сѐ од себе за да најдат нешто изворно македонско и да го продадат во светот. Пример може да ни биде Албанија која се искачи на врвот на светскиот туризам. Оваа држава не ја продава само приказната за морето, туку и за таму каде што нема никаков допир со вода – вели Сулев.

Но, вели тој, државата треба да покаже верба во туризмот.

– Без верба, како што се правеше досега и без вложување на државата во секторот, не може да се очекува земјава да се трка со регионот и ќе се задоволува со трошките што ќе остануваат од регионалниот туристички колач – додава тој.

Според него, за да се постигнат високи резултати во туризмот треба да се работи на диверзификација на туристичките пазари од кои ќе се носат туристи во земјава.

– Да не се фокусираме само на еден пазар, на пример турскиот или холандскиот бидејќи тоа само носи заситеност, туку да се фокусираме секаде во светот и да се обидуваме да најдеме различни туристи, бидејќи само така ќе овозможиме преку целата година да имаме туристи и да не зависиме само од два или три туристички пазари – вели тој.

Владата се обидува да го подобри бројот на туристи и приходите во туризмот преку низа активности. Зголемен е бројот на саеми на кои ќе се претстави земјава како туристичка дестинација, а се промени и начинот на субвенционирање на авиокомпаниите од домашните аеродроми. Се субвенционираат дојдовните патници наместо тие што заминуваат.

Според податоците на Државниот завод за статистика, за периодот јануари 2024 година јануари 2025 година бројот на туристи изнесува 1.260.425, што е повеќе за 4,4%. Бројот на странски туристи изнесува 830.179 или повеќе од лани за 10,8%. Тие направиле 1.532.639 ноќевања или повеќе за 16,5 %.

 

Поврзани содржини