📷 „ПРАТЕНИЧЕ, НЕ ВЕ ЛИЧИ ДА ЛАЖЕТЕ“ Славески и Апасиев се скараа за патните трошоци на работниците
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека неговата партија ќе поднесе предлог-закон за враќање на патните трошоци на работниците, тврдејќи дека тие биле укинати од поранешниот министер за финансии, Трајко Славески. Но, Славески брзо реагираше, нарекувајќи ги изјавите на Апасиев невистини и објаснувајќи дека надоместоците не биле укинати, туку вклучени во бруто платите. Вербалната пресметка меѓу двајцата политичари предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, влезе во расправија на социјалните мрежи со поранешниот министер за финансии од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, откако најави дека неговата партија ќе поднесе предлог-закон за враќање на патните трошоци на работниците.
„Ок. Штом не сакате да си ги намалите патните трошоци како пратеници, веќе следната недела Левица во собраниска процедура ќе поднесе нов предлог-закон за враќање на патните трошоци на работниците (оние кои своевремено им ги укина вмровецот Трајко Славески, кога беше министер за финансии, како наводна ‘оставштина од комунизмот’)“, напиша Апасиев.
На неговата објава експресно реагираше Славески, обвинувајќи го Апасиев за ширење невистини и незнаење за економските реформи.
„Пратениче, професоре, не ве личи да лажете! Со реформата ‘Бруто плата’ патните трошоци, како и надоместокот за храна, не беа укинати, туку вклучени во бруто платата на вработените. Погледнете ја статистиката за износот на просечната нето-плата за јануари 2009 година (19.616 ден.) во однос на истиот месец од 2008 година (15.555 ден.) и ќе забележите зголемување од 26,1%! На што се должи ова зголемување?“, напиша Славески.
Тој дополнително истакна дека со оваа реформа работодавачите биле обврзани платата со сите платени социјални придонеси да ја исплатуваат најдоцна до 15-ти во месецот, што, според него, довело до значително подобрување на состојбата на работниците.
„До пред реформата, околу 14% од вработените не земаа плата за претходниот месец. Овој процент како со магично стапче се сведе на само 1% уште првиот месец по реформата“, додаде Славески, испраќајќи му на Апасиев извадок од Законот за исплата на плати како поткрепа за своите тврдења.
Во својата реакција, поранешниот министер дури му предложи на Апасиев да ја избрише својата објава, да се извини и да се откаже од најавената иницијатива во Парламентот.
Пратениче, професоре, не ве личи да лажете! Со реформата “Бруто плата”патните трошоци, како и надоместокот за храна, не беа укинати, туку вклучени во бруто платата на вработените.
Погледнете ја статистиката за износот на просечната нето-плата за јануари 2009 година (19.616 ден.)… pic.twitter.com/cQaZX9nTS9— Trajko Slaveski (@TSlaveski) February 14, 2025