Во името на народот…

Ако не ви е доволно судството само излезете на ноншалантна прошетка низ скопската, или можеби струмичката, гасна комора! И тоа е „во името на граѓаните“. Или одете на лекар, во јавното здравство, повторно „во името на граѓаните“!   

983

Во целиот овој апсолутно оправдан револт, но и немоќен гнев, искажувани јавно – на улица, на социјалните мрежи, во медиумите…, па дури и од страна на власта (?!), еден реликт од времето на социјализмот, навидум неважен и малку модифициран, упорно, веќе три децении, се појавува дури и во најскандалозните пресуди на светски познатото македонско судство, а се вика: „во името на граѓаните на РСМ“.

Така, имено, започнува секоја судска пресуда во Македонија, па и онаа на „судијката“ која полнолетен граѓанин кој со возило, возејќи без дозвола, уби девојка на пешечки премин, кој и претходно имал сличен инцидент но со полесни последици, кој произведувал и продавал наркотични средства… го прогласува за дете и го суди според Закон за правда на децата!






И таа, имено, „пресудата“ ја носи „Во името на граѓаните на РСМ“, како што и комунистите судеа „Во името на народот“ бидејќи тогаш немаше граѓани. И не би било којзнае колку страшно кога само тој модифициран реликт би бил единствената наша „врска“ со некогашниот соцреализам, туку баш и сѐ друго во тоа македонско судство, почнувајќи со начинот на изборот на судиите кај нас, па нивната понатамошна доживотна „независност“ и фактичка недопирливост, па семејните традиции во него итн., продолжува и денес легално да функционира.

И малку ни е што таа соцреалистичка „папочна врвца“ и понатаму живее во судството, туку како воопшто и да не забележуваме дека и целата држава е сѐ уште окована со нераскинливите стеги на стариот систем, со она „во името на народот“ сега трансформирано во „во името на граѓаните“, под којашто флоскула најчесто се кријат најстраотните ужаси што оваа држава му го приредува на тој ист народ, на тие исти граѓани.

Ако не ви е доволно судството само излезете на ноншалантна прошетка низ скопската, или можеби струмичката, гасна комора! И тоа е „во името на граѓаните“. Или одете на лекар, во јавното здравство, повторно „во името на граѓаните“!

И токму тие факти се доволни дури и онаа приглупа и конзервативна еу (малите букви се…) да ни се смее в лице кога објаснуваме колку сме напреднале од тој некогашен социјализам, колку и како сме се демократизирале и слични будалаштини. Или, ако баш сакате, односно ако македонската политика ужива во спомнатата флоскула со којашто, очигледно, помирно спие дури и кога на пешачки премин, со брзина од 130 км. на час убиваат млада девојка, зошто не ги извади тие нивни „судии“ на непосредни избори? Па тој кој ќе ги добие гласовите на граѓаните ќе има полно право да суди и пресудува во наше име!

Зашто, извинете, не ве лазат ли морници кога некој, па нека е и индиректно, во ваше име и презиме суди вака или онака, прогласува возрасен граѓанин за дете, го ослободува од притвор па тој потоа убива недолжни луѓе по улиците, или обратно – по наредба од оние кои ги избрале за виновни прогласуваат невини луѓе? Или смртта на двајца видни алпинисти ја прогласува за – несреќен случај?

Или кога нарко-дилери, наместо во затвро, отслужуваат едногодишна (sic!) „казна“ – дома? Можете ли баш така мирно да спиете кога го знаете сето ова? Како што, впрочем, во наше име беа ослободувани криминалци или им беше дозволено да си ја „откупат“ казната, како што со години во фиоките на судството беа држани до застарување „жешки“ предмети, како што полит-мафијаши неказнето се провираа низ правосудниот систем итн.?

Ама сето тоа кај нас е нормално, но цените во маркетите биле високи па неговото височество граѓанинот ќе протестира односно ќе го бојкотира токму тоа?

Да, се разбира, знам дека тие „судии“ се бирани од страна на народните претставници во Собранието врз база на некаква пренесена или не-знам-каква надлежност. Ама тоа сепак не е исто, нели? И зарем, според сегашниот систем на „избор“ и „реизбор“ на „судиите“, не е почесно и посодветно носењето на „пресудите“ да започнува со „Во името на партијата…“, и да следи името на политичката партија што го предложила/избрала дотичниот „судија“? Чуму вакво лицемерие и префрлање на вината за монструозните „пресуди“ врз граѓаните небаре тие директно ги избрале „судиите“ или се соучесници во нивните „пресуди“?

Или, во случајов, зошто „граѓаните на РСМ“ се инволвираат во спомнатата пресуда, па и во секоја друга? Фактот што правдата обично ја нарекуваат суштинска цел на општеството, основа на човечкото постоење, не ја оправдува таа флоскула бидејќи „граѓаните“, како ни „народот“, немаат врска со неа. Ако го следите делувањето на правдата во овој случај, но и на многу претходни а веројатно и на многу што ќе дојдат, ќе видите дека таа „правда“ има врска со многу други нешта – за коишто јавно говори таткото на убиената девојка – а главно со системот на власта. И двете, македонската правда и македонскиот систем на власта, ги злоупотребуваат „граѓаните на РСМ“ за свои ниски цели. Затоа им е неопходен темелен ремонт или оваа држава ќе продолжи да пропаѓа во мафијашкото мочуриште на црни тоги, бели мантили, плави и зелени униформи, жолти шлемови, „Армани“ костуми…

Или, ако ни се малку онаа „судијка“ и нејзината „правда“, сетете се на оној „судија“ кој неодамна во судница држеше налудничав говор за нечии „искривени политички цели“, за тоа што е патриотизам а што не, кој делеше совети ослободените обвинети да ја „наведнат главата и да побараат прошка“ (од кого, од него?) и слични будалаштини, а за сето тоа се повикуваше дури и на т.н. судечки совет којшто „стамено“ седеше околу него и климаше со празните тикви!

И нема кој да ја прекине оваа македонска маскарада зашто истата се игра и во оној малоумен судски совет (малите букви се…), советот на јавни обвинители (малите букви се…), во партиските врхушки итн.

Ако правдата е некаков концепт на морална чесност базирана на етиката, рационалната мисла, законите и владеењето на правото, еднаквоста и правичноста…, каде е таа во оваа и ваква Македонија? И што стана со она „Нема правда, нема мир“? И што стана со оние кои ја киднапираа таа парола и цели седум години ја држеа заклучена или ја злоупотребуваа за свои цели?

И зарем не ѝ е срам на онаа „нашана“ која со пајташот фрлаше балони со боја врз Министерството за правда сега да се провикнува дури од Брисел? И што се случи со сите други „шарени“ кои сега се скриени во глувчји дупки а беа онака гласни кога требаше да си ги заработат фотелјите? Или се организираат да го киднапираат и овој протест на гневни граѓани?!

Ние, за жал, веќе и не знаеме за која и каква правда говориме: за социјална, политичка, економска…? Социјалната одамна ја нема, политичка никогаш и немало, а со економската безочно калкулира кој како ќе стигне туркајќи го граѓанинот во „борба“ со ступиден еднодневен бојкот!

Никој не изградил идеално правдољубиво и правично општество, уште помалку ќе го изградиме ние вакви какви што сме. Но додека другите, колку и да се малубројни, барем се обидуваат нешто да прават во таа насока, нам и тоа ни е тешко.

Ние не ни глумиме дека се обидуваме да се доближиме до некакви решенија на проблемите коишто одамна се јавни и јасни како бел ден, не сакаме ниту да допреме до почетокот на некакви реформи во правосудниот систем. И не само таму, се разбира. Продолжуваме да бидеме самозаробена држава во којашто правосудниот систем е само еден од газдите.

Но, можеби укинувањето на она „во името на граѓаните“ би бил добар почеток во таа насока, барем до некое разумно време кога довербата во судството ќе се искачи до некој двоцифрен број?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини