КОРУМПИРАНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ ОД ЗАТВОРОТ ВО ШУТКА ЌЕ БИДАТ ИЗБРКАНИ ОД РАБОТА Пандов вечерва отвори истрага за скандалот со телефонот на Јованов
Ве уверувам дека од овој момент јас и мојот тим, во кој е и директорот Утковски, влегуваме во отворена војна со ваквите лица. И во таа војна ние ќе победуваме. Дали ќе успееме целосно да ја искорениме? Не знам. Веројатно многу тешко. Но знам дека ќе се бориме со сета снага и дека на корумпираните службеници кои ја предаваат државата со нивното срамно поведение животот ќе им стане пеколно комплициран, а ви ветувам и дека ќе ја изгубат работата, напиша директорот на Управата за извршување санкции на Фејсбук.
Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов доцна синоќа преку својот профил на Фејсбук ја информира јавност дека е во затворот Шутка, каде врши увид во преземените активности веднаш откако било утврдено дека повеќе притворени лица користат мобилни телефони во притвор, што е најстрого забрането. Тој јавно вети дека корумпираните полициски службеници кои дозволуваат притворениците да дојдат до мобилен телефон, ќе бидат избркани од работа.
„Мобилниот телефон на притворениот возач-убиец на Фросина Кулакова му е веднаш одземен, по спроведената акција попладнево, како и повеќе други телефони кои се пронајдени. Меѓу нив и телефонот на лицето кое го слика притворениот В.Ј.
Директорот на КПД Скопје, Бобан Утковски, ме информираше дека против лицата се преземени сите соодветни мерки кои се дозволени од законот, како би се обезбедиле протоколите и спроведувањето на законските прописи.
Со други зборови и поконкретно – лицата од фотографијата сосема сигурно повеќе нема да имаат можност да држат во рака мобилен телефон во КПД Скопје. Лицата кои ги кршат ваквите прописи и предизвикуваат оправдан бес и гнев меѓу семејството на убиената Кулакова, но и целата јавност, ќе бидат најстрого санкционирани“, напиша Пандов.
Тој истакна дека корупцијата во затворите е повеќедецениска пракса и вети дека се вложуваат сите ресурси, кои не се толкави колку што се потребни, за борба против неа.
„Истото, и повеќе, важи особено за службениците платени од државата, од наши пари, за кои ќе биде утврдено дека во овој, но и во други случаи, овозможувале притворени лица да уживаат вакви, но и други „услуги“, на кои немаат право, односно им се најстрого забранети. Ве уверувам дека од овој момент јас и мојот тим, во кој е и директорот Утковски, влегуваме во отворена војна со ваквите лица. И во таа војна ние ќе победуваме. Дали ќе успееме целосно да ја искорениме? Не знам. Веројатно многу тешко. Но знам дека ќе се бориме со сета снага и дека на корумпираните службеници кои ја предаваат државата со нивното срамно поведение животот ќе им стане пеколно комплициран, а ви ветувам и дека ќе ја изгубат работата.
Истрагата за овој случај е во тек, и ќе ја информирам јавноста со нови детали, кога ќе ги има. Имајте предвид дека за секаква одлука ќе е нужно да обезбедиме докази, а во услови во кои работиме, тоа може и да не биде пребрз процес, но бездруго со сета енергија ќе се впуштиме во истиот.
Упатувам длабоко сочуство до семејството на Кулакова и извинување за непријатноста која ја предизвикаа вознемирувачките фотографии во име на институцијата со која раководам и која ќе ги лоцира виновните за овој настан.
Сосема за крај, иако знам дека е во доменот на научната фантастика, но би сакал да упатам апел до СДСМ да престанат со нивната скандалозно нечовечка политика на злоупотреба на трагични настани, особено што се водени од човек во чие министерување гореа живи луѓе во болница која требаше да им обезбеди живот. Нивните обиди да поентираат политички во ваков трагичен случај се гласен сведок за трагедијата во која се претвори оваа некогаш респектабилна партија. Потсетувам на зборовите на еден родител на убиено дете кај Смилковското езеро кој Зоран Заев го нарече вистинскиот монструм, поради лагите кои им ги кажувал на семејството во обид политички да профитира на случајот, валкајќи ги рацете со крв, додека ја лажеше јавноста и ширеше вознемиреност и неизвесност. Бедно е што од Бихачка не може да излезат од таа матрица. Но, секој сам го бира својот пат.
Светол пат, Фросина. Ветувам дека ќе сториме се за да го заштитиме твоето семејство од политичките глодари и од корумпираните службеници во системот“, напиша Пандов.