🎥 ОБВИНИТЕЛСКА МАФИЈА ПАЛИ И ГАСИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО Обвинителот Мустафа Хајрулахи отворено ги именува членовите на групата која го контролира државниот обвинител Љупчо Коцевски
Интервјуто со суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, против кого се води скандалозна истрага за наводен мобинг, ќе го емитуваме утре, петок, 24 јануари, во 9 часот. До интервјуто на Јујтуб каналот на Плусинфо ќе можете да пристапите директно или преку најавата овде, на ова место.
Десетина луѓе, главно обвинители од поранешното Специјално обвинителство, кои го контролираат државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, ги влечат конците во правосудниот систем во Македонија.
Ова, во поткастот на Плусинфо, го тврди Мустафа Хајрулахи, суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, против кого се води и скандалозна истрага за наводен мобинг против вработени во оваа институција.
– Одговорно тврдам дека огромното мнозинство обвинители, 99 отсо, чесно и одговорно си ја вршат на работата. Но, една група моќници, која е инсталација на поранешната власт, врши притисок врз сите обвинители, посебно за предметите од интерес на поранешната власт. Таа структура е мафија во јавнообвинителскиот систем – тврди Хајрулахи.
Во разговорот со уредникот Бранко Героски, Хајрулахи најавува беспоштедна правна битка со државниот обвинител Љупчо Коцевски и отворено ги именува луѓето кои ги нарекува обвинителска мафија. Во интервјуто се спомнуваат обвинителите Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова, Љубомир Јовевски и други, а се зборува и за повеќе предмети и истраги кои добиваат тек каков што посакува таа структура.
Така, Хајрулахи зборува за тоа зошто од 2021 година биле отфрлани кривичните пријави против Васко Ковачевски, има ли врска дијарејата на обвинителот Гаврил Бубевски со бегството на Прпарим Бајрами од Македонија (осомничен заедно со Артан Груби), какви грешки се направени во постапувањето во случајот „Крмзов“, како е силуван предметот „Делчевски ниви“, како е вршен притисок во случајот „Диамед“, а најмногу, секако, за тоа кој и зошто се обидува да ја затвори истрагата за незаконската исплата на огромните бонуси во поранешното СЈО.
Ова интервју отвора многу прашања за тоа во какво општество живееме, кој го контролира правосудниот систем, зошто нема реформи и дали навистина има шанса нешто да се промени кон подобро.
Интервјуто ќе го објавиме утре, петок, 24 октомври, во 9 часот. До него ќе можете да пристапите преку најавата овде, на порталот Плусинфо, или директно на каналот на Плусинфо на Јутјуб, во закажаното време.