НОРМАЛИЗИРАНА ИСПОРАКАТА НА ПАРНО ВО СКОПСКИТЕ НАСЕЛБИ Од ЕСМ велат дека се работи на дефект близу Олимписки базен

Станува збор за интервенција врз магистрален вод А во општина Центар што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен, соопшти ЕСМ.

346

Испораката на топлинска енергија е нормализирана во најкус можен рок за корисниците на ЕСМ, јавија од компанијата во соопштение до јавноста, откако претпладнево скопјани се соочија со ладни радијатори.

„Во најкус можен рок е нормализирана испораката на топлинска енергија за корисниците на ЕСМ Снабдување со топлина. Кај приклучените потрошувачи на системот за централно греење од овој реон испораката на топлинска енергија се реализира согласно мрежните правила кај сите станбени и деловни објекти каде што утрово после 10 часот беше намален квалитетот на испорака, со исклучок на дел од потрошувачите во Општина Центар“.






Од компанијата најавуваат дека се работи на отстранување на дефект во близина на Олимписки базен.

„Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот во близина на Олимписки базен, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод“.

Станува збор за интервенција врз магистрален вод А во општина Центар што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.

Петар Милетиќ, директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија вели дека претходното раководство сочинето од кадри на СДСМ и на ДУИ целосно неодговорно раководело со системот.

– Двегодишната целосна негрижа и неодржување на дистрибутивната мрежа од претходното раководство сочинето од кадри на СДСМ и на ДУИ кои несовесно и неодговорно раководеа со системот за дистрибуција на топлина придонесуваат за појава на неочекувани дефекти. Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод. Некоректно е дефект на топлификациската мрежа кој е последица на негрижата на претходното раководство, да се користи за паника и вознемиреност кај граѓаните на Град Скопје во функција на добивање ситни дневнополитички поени – изјави Милетиќ.

Претпладнево многу скопјани се соочија со ладни радијатори, што предизвика незадоволство, особено во населбите како Аеродром, Карпош и Центар.

Поврзани содржини