ОПШТИНАТА ЌЕ ДАВА ДО 50% ОД ТРОШОЦИТЕ Кисела Вода доделува субвенции за пелети и печки

Општината ќе покрие до 50 проценти од трошоците за набавка на пелети и печки на пелети, а средствата ќе се доделуваат до нивно исцрпување.

0

Општина Кисела Вода објави два јавни повика за субвенционирање на набавка на пелети и печки на пелети за домаќинствата од општината. Средствата се обезбедени од Буџетот за 2026 година и ќе се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

За набавка на пелети е обезбеден буџет од 2 милиони денари, а Општината ќе покрие 50 проценти од трошоците, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство, со вклучен персонален данок. Повикот е отворен до исцрпување на средствата, а најдоцна до 31 октомври 2026 година.






За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на електронската адреса – [email protected].

Вториот јавен повик се однесува на субвенции за набавка на печки на пелети, за што се издвоени 300.000 денари. Општината ќе рефундира 50 проценти од вредноста на печката, но најмногу 20.000 денари, со вклучен данок.

Право на користење на оваа мерка имаат домаќинства кои претходно не добиле субвенции за печка на пелети или инвертер од кој било државен извор. Повикот ќе трае до 30 ноември 2026 година, односно до исцрпување на средствата. Дополнителни информации се достапни на [email protected].

Од Општина Кисела Вода информираат дека за двата јавни повика можат да аплицираат домаќинства кои не се приклучени на системот за централно греење. Ќе се признаваат трошоци за набавки направени од 1 јануари 2026 година до завршување на јавните повици.

Кон барањето задолжително треба да се приложат фискална сметка или фактура, како и банкарски извод за извршената уплата. Документите се доставуваат во затворен плик преку Архивата на Општина Кисела Вода, а образците може да се преземат од Архивата или од општинската веб-страница.

Од Општината нагласуваат дека нецелосните пријави и оние доставени по истекот на рокот нема да бидат разгледувани.

Поврзани содржини