Врховниот суд на САД денеска го потврди законот со кој се забранува кинеската компанија ТикТок, а забраната треба да стапи на сила веќе в недела.
Според законот, кинеската компанија ByteDance треба да ги продаде американските операции на својата популарна социјална мрежа ТикТок до 19 јануари или во спротивно ќе биде забранета во САД.
Според пресудата, законот, кој минатата година беше усвоен од големо мнозинство претставници во Конгресот, и републиканци и демократи, не го прекршува Првиот амандман на Уставот на САД, што ја штити слободата на говорот.
Со одлуката, е отфрлена жалбата на сопствениците на популарната апликација кои тврдеа дека забраната го прекршила Првиот амандман.
Судот дал непотпишано мислење, а немало евидентирано несогласување, пренесува CNN.
Одлуката уследи по предупредувањето од администрацијата на Бајден дека TикТок претставува „сериозна“ закана за националната безбедност поради нејзините врски со Кина.
Американското Министерство за правда соопшти дека ќе биде потребно време за спроведување на законот за забрана на ТикТок во САД, освен ако кинескиот сопственик не ја продаде платформата.
Заменик-јавниот обвинител Лиза Монако ја поздрави одлуката на Врховниот суд со која се потврди законот со кој ќе се забрани ТикТок.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска објави дека одлуката на Врховниот суд да ја потврди забраната за ТикТок треба да се почитува, но тој „мора да има време“ да одлучи дали да ја спроведе.
„Одлуката на Врховниот суд беше очекувана и сите мора да ја почитуваат. Мојата одлука за TикТок ќе биде донесена во не така далечна иднина, но мора да имам време да ја разгледам ситуацијата, објави Трамп на својата платформа за социјалните медиуми Truth Social.
ТикТок во САД има над 170 милиони корисници.