🎥 МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПОТРАГА ПО ЧУДО Холивудска ѕвезда „го откри“ лекот против рак, лекарите предупредуваат дека нема никакви докази!

Досега не се направени испитувања врз луѓе заболени од каква било форма на рак со кои би се покажало дека лекот помогнал во нивното лекување и излекување од опаката болест. Пациентите во потрага по спас посегнуваат по сѐ што слушнале дека може да им помогне или да делува како чудо. При тоа ги занемаруваат негативните последици на „чудотворните“ лекови.

5,482

Македонците повторно го вклучуваат лекот „ивермектин“ во фокусот на вниманието на социјалните мрежи, но овој пат не за третман на ковид-19, туку како потенцијален лек за онколошки пациенти. Загрижени граѓани и пациенти бараат начини како да го набават овој лек, надевајќи се дека ќе може им да помогне во борбата против ракот, иако медицинските и научните докази за употребата на овој лек во такви цели сè уште се ограничени.

Потрагата по „чудото од лек“ започна по неодамнешното гостување на холивудскиот актер Мел Гибсон во поткастот кај Џо Роган.






Во разговорот, ѕвездата на „Храбро срце“ открива дека тројца негови блиски пријатели, кои се бореле со рак во четвртиот стадиум, доживеале извонредно закрепнување по употребата на „ивермектин“ и „фенбендазол“ – лекови кои вообичаено се користат за лекување на паразитски инфекции како кружни црви и црви.

Гибсон тврди дека сите тројца пријатели кои ги пробале овие лекови „немаат рак во моментов“. Тој категорично додава: „Ова работи, функционира, човеку“.

Иако овие тврдења на популарниот актер предизвикаа интерес во пошироката јавност, експертите повикуваат на претпазливост, бидејќи научните докази кои ја поддржуваат употребата на овие лекови за лекување на ракот се во зачеток.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jamie MacDonald (@thejamiemacdonald)

На Фејсбук групата „Ковид-19 искуства и совети“ може да се забележат пораки на граѓани, кои повикувајќи се на оваа изјава на Гибсон прашуваат за лекот „ивермектин“.

– Мајка ми е онколошки пациент и го слушнавме ова преку пријатели и групи на социјалните мрежи. Знам дека не е официјално одобрен за рак, но кога сте во ваква ситуација, ќе пробате сè што може да помогне. Бараме информации како да го набавиме и да видиме дали навистина може да направи разлика – напиша еден од членовите на групата.

Други членови одговараат дека лекот „ивермектин“ може да се најде во аптеката на една приватна болница каде за цена од 500 денари се добиваат 4 апчиња.

– И мене ми треба, разбрав дека е добар за прочистување. Јас сум онколошки пациент и сакав да го користам – додава друга членка на групата.

Некои информираат дека лекот може да се најде во Грција за 13,77 евра, дека го има и во Србија, но се набавува со рецепт, а кај нас го има во течна форма, но за животни.

И покрај сите објави, голем дел од граѓаните сепак се претпазливи и велат дека лекот е со широк спектар на примена и меѓусебно се советуваат да биде употребуван под строг лекарски надзор.

Не постојат доволно докази за ефикасноста при лекување рак 

За тоа дали се запознаени здравствените институции кај нас за ваквата употреба на лекот „ивермектин“, Плусинфо разговараше со директорот на Клиниката за онкологија, д-р Игор Стојчевски.

– Имам информации за зголемениот интерес за „ивермектин“ на социјалните мрежи, особено кај лицата кои се во потрага по алтернативни третмани за онколошки заболувања. Би сакале да нагласиме дека употребата на „ивермектин“ за оваа намена не е одобрена и не постојат доволно научни докази кои ја потврдуваат неговата ефикасност во лекувањето на рак – ни рече доктор Стојчевски.

Тој не наведе кои би можеле да бидат конкретните штети или негативни ефекти од употребата на „ивермектинот“ кај болните од рак. Стојчевски додава дека пациентите не знаат какви последици може да има употребата на „ивермектин“ ако се користи за лекување рак, и дека лекарите не би требало да го препишуваат без соодветна индикација и одобрување.

– Ние досега немаме добиено насоки за употребата на овој лек во лекувањето на ракот, без разлика во која фаза е и каде се наоѓа. Сметам дека пациентите се обидуваат на секој начин да најдат лек во битката која ја водат, но овој лек би можел да има контра-ефект и да ја влоши нивната состојба – додава директорот на Онкологија.

За време на пандемијата со ковид, лекот „ивермектин“ беше вклучен во лекувањето пациенти заболени со коронавирусот.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана за Плусинфо рече дека „ивермектинот“ е добар за лекување животни, но не и за луѓе.

– За време на ковид-пандемијата здравствените власти ни го вметнаа „ивермектинот“ да го употребуваме и дека имало ефект. Но еве ви гарантирам дека не помогна, дури мислам дека повеќе штета им направи на заболените. Значи не може лек со кој е предвидено да се лекуваат големи животни, да се употребува на луѓе. Соодносот е невозможен, едно животно има 400-500 килограми. Каква доза да му дадете на човек од 80 килограми? Да заклучам, овој лек треба да се користи во Ветеринарна болница, а не во болниците каде што се лекуваат луѓе – ни рече д-р Цана.

Испитувањата се правени на животни, не и на луѓе

Според истражувањата кои ги објави „Sciencedirect“, „ивермектинот“, лек кој долго време се користел за третирање на паразитски заболувања кај животните, може да има значителен потенцијал во третманот на рак.

„Истражувањата покажуваат дека ‘ивермектинот’ ефикасно го потиснува размножувањето и метастазирањето на клетките на ракот и поттикнува нивна смрт, без да биде токсичен за нормалните клетки. Лекот покажува извонредна ефикасност против клетки на рак кои се отпорни на конвенционалните хемотерапевтски лекови и помага во надминување на мултирезистенцијата на лекови. Комбинацијата на ‘ивермектин’ со други хемотерапевтски или целно насочени лекови има моќен ефект врз ракот. Откриената структура на комуникација меѓу сигналните патишта поврзани со ензимот PAK1 ја објаснува улогата на ‘ивермектин’ во регулирањето на повеќе биолошки процеси. Бидејќи ‘ивермектин’ веќе долго време се користи за третирање на паразити, постои можност тој брзо да влезе во клинички испитувања за третман на тумори“, се наведува во истражувањето.

Студија од 2021 година на истражувачите од сеопфатниот центар за рак „Сity of Hope“ во Калифорнија го истражувала потенцијалот на „ивермектин“ во комбинација со антитело анти-PD1 за лекување на тројно-негативни тумори на рак на дојка кај глувци. Иако резултатите покажале ветување, истражувачите нагласиле дека повторувањето на овие резултати кај луѓето останува неизвесно. Тие исто така советувале да не се користи „ивермектин“ како самостоен третман.

Понатаму, тимот на „City of Hope“ започна клинички испитувања за тестирање на „ивермектин“ заедно со „пембролизумаб“, лек за имунотерапија одобрен за рак на дојка, на бели дробови и на ендометриумот. Сепак, ова испитување, финансирано од Националниот институт за рак, беше повлечено од неодредени причини, оставајќи прашања за продолжувањето на истражувањето.

Инаку, патувањето на „ивермектин“ како потенцијална терапија за рак датира од 2014 година, кога швајцарските истражувачи открија дека тој може да го инхибира растот на одредени клетки од рак на белите дробови и дебелото црево во лабораториски експерименти. Сепак, овие студии беа спроведени на изолирани клетки, а не на човечки субјекти. Д-р Питер П. Ли, водечки истражувач од „City of Hope“, забележа: „Секако сам по себе, ‘ивермектинот’ не е лек, па дури ни ефикасен третман за рак на дојка“.

Признавајќи го неговиот потенцијал, тој ја истакна важноста на ригорозното тестирање и неговите ограничувања како самостојна терапија.

Европската агенција за лекови (ЕМА) за време на пандемијата порача дека лекот „ивермектин“ не треба да се користи за лекување на ковид-19 надвор од клиничките испитувања. Агенцијата пред две години рече дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди неговата ефикасност против коронавирусот. Лабораториските тестови откриле дека лекот може да ја блокира репликацијата на вирусот кој предизвикува ковид-19, но со многу повисока концентрација на „ивермектин“, а токсичните последици од тие повисоки дози не можат да се исклучат, додаде тогаш Агенцијата.

Како и да е, досега не се направени испитувања врз луѓе заболени од каква било форма на рак со кои би се покажало дека лекот помогнал во нивното лекување и излекување од опаката болест. Пациентите во потрага по спас посегнуваат по сѐ што слушнале дека може да им помогне или да делува како чудо. При тоа ги занемаруваат негативните последици на „чудотворните“ лекови.

Поврзани содржини