СНЕЖНА БУРА ГИ ЗАВЕА САД И ЗАПАДНА ЕВРОПА Откажани се летови, илјадници луѓе останаа без струја
Во седум држави во САД е прогласена вонредна состојба, а 60 милини Американци се предупредени за новите снежни услови. Во делови од неколку големи градови во Велика Британија нема струја, а летовите повремено се прекинуваат во Манчестер, Ливерпул и Лидс. Во Ирска 41.000 корисници се без струја.
Повеќе од 60 милиони Американци се под предупредување за тешки временски услови откако изби бурата наречена Блер, поттикната од поларен вртлог. Невремето погоди 30 држави во централниот дел на САД, а во седум држави е прогласена вонредна состојба. Освен снег, ветер и замрзнат дожр во Арканзас и Тексас се појави торнадо, јавува Би-Би-Си.
Откажани се илјадници летови, многу училишта се затворени, а патиштата се отсечени. Меѓу најтешко погодените области во неделата беа Канзас и Мисури, каде снежната бура предизвика услови за белување истури 30 до 40 сантиметри снег.
– Багерите за чистење заглавуваат, полицијата заглавува, сите заглавуваат – останете дома – ги предупреди мeтеорологот Метју Капучи вработен во познатата апликација MyRadar ги повика жителите на Канзас да останат дома бидејќи ситуацијата и понатаму ќе биде сериозна.
Тој вели дека во Канзас 32 години немало ваков снег.
Бурата засега се намалува додека се движи кон источниот брег на САД.
Обилните снежни врнежи и замрзнат дожд предизвикаа сериозни проблеми со транспортот на многу места во Европа, особено во Велика Британија и Германија.
Во северните делови на Англија, на надморска височина над 300 метри, се забележани снежни наноси до 40 сантиметри. Постојат стравувања дека некои населени места би можеле да останат отсечени од остатокот од светот.
Електричната енергија е прекината во делови од Бирмингем, Бристол и главниот град на Велс, Кардиф.
Аеродромите во Ливерпул, Манчестер и Лидс беа затворени во ноќта меѓу сабота и недела, но сообраќајот постепено беше обновен. Неколку спортски натпревари беа откажани, но големото дерби на англискиот фудбал помеѓу Ливерпул и Манчестер Јунајтед сепак се одигра и заврши нерешено, 2:2.
Сообраќајниците во Обединетото Кралство вчера беа преоптоварени, бидејќи многумина се враќаа дома по божиќните и новогодишните празници. Дел од железничките линии беа привремено затворени.
Во Германија, снегот и мразот исто така предизвикаа хаос. На аеродромот во Франкфурт беа откажани 120 од предвидените 1.090 летови, додека на аеродромот во Минхен беше отворена само една писта.
Во јужната провинција Баден-Виртемберг, осум лица се повредени откако автобус излета од патот.
Десетици илјади домови и деловни објекти во Ирска се без струја и вода поради екстремниот студ што ја зафати целата земја, јави ДПА.
Ниските температури предизвикаа затворање на училишта, ограничувања во јавниот транспорт и откажување на здравствени услуги.
Ирската електродистрибуција (ESB) соопшти дека 41.000 корисници се без електрична енергија и дека може да бидат потребни денови за целосно обновување на снабдувањето. Ирската водоводна служба информира дека приближно ист број лица немаат вода поради обилните снежни врнежи во југозападниот дел на земјата.