📽️ ОТКРИЕНИ АВТОМАТСКИ ПУШКИ, МИТРАЛЕЗИ И МУНИЦИЈА Полицијата сподели детали за утринската акција во Арачиново
Од Министерството истакнуваат дека ваквите откритија се резултат на засилените активности за спречување на недозволената трговија со оружје.
Полициски службеници од Единицата за брзо распоредување и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје пронашле големо количество оружје на локален пат меѓу селата Орланци и Никуштак, во атарот на општина Арачиново. Случајот се случил во раните утрински часови на 18 декември, околу 01:30 часот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), при акцијата биле пронајдени еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез. Дополнително, биле пронајдени две рамки за автоматска пушка со куршуми, тегла со муниција, како и ранец и други предмети.
„Пронајденото оружје веднаш е предадено на вештачење во Одделот за форензички испитувања. Во моментот се преземаат мерки за расчистување на случајот и за утврдување на тоа кој го складирал ова оружје и со каква цел“, информираат од МВР.
Од Министерството истакнуваат дека ваквите откритија се резултат на засилените активности за спречување на недозволената трговија со оружје.
„Овој случај е уште еден показател за потребата од засилена контрола и внимателност на терен. Апелираме до граѓаните да пријавуваат сомнителни активности во нивните средини, бидејќи секоја информација може да помогне во спречување на потенцијални инциденти“, додаваат од МВР.
Истрагата за овој случај е во тек, а надлежните најавуваат дека ќе продолжат со контролите за да се спречи нелегалната трговија со оружје.