Да виду, па не верују!
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 16.09.1998 година)
За разлика од Македонија, што се обидува да личи на Европа, па не дозволува лепење изборни плакати надвор од определените места, во Грција не само што секој ги лепи кај што ќе втаса, туку и драска со спреј кај што сака и што сака. Така, пред последново доаѓање на ПАСОК на власт, во Солун, кај и да мрднев, налетував на зборот „алаги”, испишан со црвен спреј. Алаги, па алаги, во мал милион варијанти! Откако не ми успеа, во зависност од контекстот, да го откријам значењето на тој популарен збор, прашав и конечно дознав дека „алаги” значи „промена”. Демек, исто како кај нас деновиве!
„За промени” е мотото на коалицијата во која учествува и Лигата за демократија, па јас би морал и самиот до изнемоштеност да го повторувам овој лозунг, навивајќи за својата страна. Па сепак, иако и самиот сум за промени (на подобро, се разбира!), иако и самиот навивам и ќе гласам за промени, ќе речам, колку и да не им се допаѓа тоа на моите актуелни партиски сојузници (и на оние што самите си ги одбравме и на оние со кои тие отпосле нѐ замешаа), дека по малу се сомневам во горливата желба и подготвеноста на нашиот народ за коренити промени.
Да не рече некој дека давам „паушални изјави” ќе наведам само неколку примери за нашиот (би рекол: веќе пословичен) конзервативизам! Пред некој ден сакав нешто да купам на пазар. Го видов тоа што ми требаше и (за чудо) прашав: „Колку?” Одговорот беше пет или десет милијарди! „Немам толку пари!”, промрморев налутено и му свртев грб на продавачот. Тој залудо викаше по мене сега кажувајќи ми ја цената во денари.
Она што мене посебно ме нервира во овој (инаку секојдневен) пример е фактот дека старите за нови динари беа заменети уште таму некаде во далечната 1965 година, ако не се лажам. (Децата родени во таа година му се речиси врсници на нашиот премиер.) Во меѓувреме се распадна и државата што ги беше сменила тие динари, Македонија стана суверена држава и доби сопствена валута со поинакво име, а народот во неа сеедно си смета ли смета, само и единствено – во милијарди, небаре се уште плаќа со динарите на СФРЈ. И сега некој ќе ми рече дека тој ист народ плачел за промени. Ајде, ви се молам! Да виду, па не верују!
Или еден пример во врска со јазичната практика на нашите електронски медиуми! Дали некогаш сте чуле (ако разбирате англиски) некој да каже „the mister Clinton“ или (на француски) „le monsieur Shirac” или пак (на германски) „der Негг Kohl. (Ги наведувам само јазиците во кои постои член како и во македонскиот.) Никогаш! Просто затоа што означувајќи го некого со името или презимето вие сведочите дека знаете кој е тој, па нема потреба од член. „Господин” во членувана форма може (и смее) да се употреби само кога се зборува за безимен џентлмен, што сме го виделе и го споменуваме („Господинот што пред малу, влезе во бифето…”, „Госпоѓата во црно…”, „Госпоѓицата со очила…”).
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.