1.200 УЧЕНИЦИ ГО ФОРМИРАА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ Прилеп ѝ го честита 11 Октомври на Македонија
Симболично, преку овие млади генерации, ја негуваме љубовта кон татковината и ги всадуваме основните вредности на слободата, демократијата и почитта кон националните симболи, објави денеска прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.
Со голема гордост денес ја продолжуваме традицијата на формирање на македонското знаме во срцето на нашиот град Прилеп, објави денеска на Фејсбук прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.
„Оваа година, повторно 1.200 ученици од сите основни и средни училишта од Прилеп се здружија за да го формираат нашиот најголем национален симбол – македонското знаме. Возобновувањето на оваа прекрасна традиција ја зацврстува нашата љубов кон татковината и нејзините вредности, а воедно е дел од богатата програма посветена на 11 Октомври“, објави Јовчески.
Ова е повеќе од перформанс, додаде тој, тоа е израз на нашата почит кон историјата, кон сите оние кои се бореле за слободата и независноста на Македонија.
„Симболично, преку овие млади генерации, ја негуваме љубовта кон татковината и ги всадуваме основните вредности на слободата, демократијата и почитта кон националните симболи. Нашата иднина е во рацете на овие млади луѓе и затоа е клучно да ги учиме на важноста на историјата, на сплотеноста и љубовта кон нашата татковина. Со нивната енергија и ентузијазам, ние се движиме напред кон нови достигнувања, горди на минатото и полни со надеж за иднината. Да живее Република Македонија!“ напиша прилепскиот градоначалник.