Потпалувачи на „демократијата“
И одеднаш, мерачите на вистините во Македонија, преку ноќ заклучуваат дека „Изјавите на ВМРО-ДПМНЕ за дестабилизација на државата од страна на ДУИ на есен можат да содржат еден грам вистина.“ Па што се бре овие луѓе, бакали, месари, бостанџии…, па и вистината ја мерат на – грамови?!
Не сум сигурен во здравиот резон сега јавно да ги прашаме оние неколкумина „мудреци“ од форматот на „професори“, „новинарчиња“, па и „активисти“ кои уживаат да проверуваат само туѓи но не и свои изјави, дали воскликот на дуи (малите букви се… знаете што!) „Бараме целосна рамноправност“ доволно им ги појаснува односно потврдува „трилемите“ околу (дез)информацијата за можна дестабилизација на државата? Или сега и оној Вилијамс спаѓа во теоријата на „заговор заради пропагандни цели“, можеби човекот е целосно нереален односно измислен од владините служби за дезинформации и плашење на народот? Ќе одговорат ли, ќе се извинат ли? Нема, се разбира, таков им е стилот – пукај и бегај – како „копиљацине“ од претшколска возраст.
Ама сепак, вистината ќе остане, за нас но и за нив: беше изречена јавно, јасно и гласно и (повторно) завиткана во шареникава форма на борба за човекови права! Зашто, каква и да е друга би била смешна, речиси апсурдна, па и нереална. Иако и оваа е таква, бидејќи што сѐ не видовме од нив „спакувано“ во таква форма. А сепак, за да немаме натамошни недоразбирања, не мислам и не сакам да кажам дека нивното, и сечие друго, барање за „целосна рамноправност“ е – неприфатливо. Напротив! Но проблемот започнува тогаш кога ќе прашате што дуи – па и не само тие – подразбираат под целосна рамноправност.
И тука отсекогаш се криел клучот на недоразбирањата, па и конфликтните ситуации во државава (не само) од 2001 година наваму. Коишто недоразбирања формално беа разрешени со т.н. Охридски договор, но фактички – никогаш. Зошто? Токму заради она што го напишав неодамна: кај нас секоја партија има своја слика за демократијата, па ако реалноста не се вклопува во неа тогаш, нормално, не е добра реалноста, а не – сликата. Затоа нам во Македонија ни требаат неколку модели на демократија коишто ќе се применуваат зависно од тоа која партија односно партии се на власт.
А народот? Па која друга работа ја има народот освен да се прилагодува на желбите на партиите!?
Згора на сѐ друго, сите партии, или одделни нивни членови, па дури и Ахмети и Бектеши, пораснаа во експерти за демократија и човекови права и промовираат „концепти“ на некакви меѓународни ликови од форматот на некојси Вилијамс – наемна сила платена за исполнување на нивните „демократски идеи“. Ако го следиме тој терк понуден од дуи, замислете кога секоја партија би излегла со свој „концепт“ за демократијата во државава, поткрепен од слични платеници како спомнатиот? Каква „демократска“ борба на мислења би била тоа?! И ајде да погодуваме каде би се приклониле оние шутрацине од почетокот на текстот?
Меѓутоа, де факто, тие и не се воопшто битни за овој и за сите други случаи што ги потпалуваат. Зашто тие се токму тоа – нечии пиони односно потпалувачи на кризни ситуации, како и оние арсонисти што ги подметнуваат пожарите низ државава. Но, некој ги плаќа, а оваа македонска глупава „демократија“ ги – толерира! И „се чешла“, вели еден од пионине. Не му пречи потпалувањето туку „чешлањето“! А ако власта сепак реагира на дестабилизирачките пораки – оние што, нели, ги нема(ше) – тогаш „плаши мечка со дајре“. И пак: не е проблем мечката, проблем е дајрето!
Но, повторно, ваквите и слични испрдоци на македонската клиентелистичка „интелигенција“ таргетирано создаваат општа конфузија и се обидуваат да ги дислоцираат главните проблеми на македонското општество: што е тоа демократија, каква демократија (сакаме да) имаме, каква држава/општество поддржуваме, зошто до денес не изградивме стабилен демократски систем и функционални институции… итн. И извориштата на тие дислокации, на тие изместувања од патот и континуитетот на нивното траење. Ако ги поставиме тие прашања, први курбан ќе одат нивните газди! Затоа, повторно е актуелно прашањето: сакаме ли воопшто нормална држава и демократски систем како единствен вистински услов не само за членство во ЕУ туку и за припадност во редот на цивилизираните европски земји? (Дали и понатаму оваа и ваква ЕУ ни е приоритет е друго прашање!). И ако сите тие прашања се наш сериозен предизвик заедно со Слободата на поединецот и неговата благосостојба, што навистина правиме во таа насока?
И дали, во тој контекст, ако баш сакате, воскликот „Бараме целосна рамноправност“ кај сите предизвикува ист немир? Па и загриженост? Или некои и понатаму сметаат дека, како и фамозната академија, „еден ден тие ќе ја добијат“? И зарем навистина само „националистите“ треба да „берат гајле“ а клиентелава да гледа сеир? И дали некој овде сериозно мисли дека ова е – европско решение? Во коешто навистина се говори за човекови права или за – нешто друго? И од кога тоа баш Белгија како федерална парламентарна монархија ни стана пример за сериозна демократска држава? Ќе бираме ли и – крал? Или дуи и него ќе ни го наметне, со декрет што ќе го смисли оној Вилијамс?! И дали белгиските „пропорции“ (Фламанци, Валонци и др,) се адекватни на македонските? Не би рекол.
Се разбира, ова се само збрда-здола нафрлени први впечатоци – еднакво на самото „барање целосна рамноправност“ – од новата „славна епопеја“ за одржување на рејтингот меѓу наивното гласачко тело. Ако сѐ уште има такво, се разбира. Но, веќе утре овој восклик ќе мора темелно да се образложи до последната запирка на „посакуваната“ граѓанска држава. Или овде баш и не станува збор за тоа? Иако „барањето целосна рамноправност“ е тоа и – ништо друго. Или предлагачот не мисли баш така?! Но, некој ќе мора да појасни што понатаму ќе се случува со Охридскиот договор, со балансерот, со измисленото „право“ на „позитивна дискриминација“, со октроираниот јазик на целата територија на државата, со измислената обврска во власта да мора да има албанска партија…? Или новата „славна епопеја“ само бара нови нешта, ама не враќа ништо од старите, спомнатите?
И како, на крајот, оние „мудреци“ не гледаат никаков проблем во ова? Зарем и понатаму им треба некаква проверка и потврда на фактите за обидот за дестабилизација на државата, за укинување на Уставот, за промена на републиканскиот демократски систем…? Или тие имаат други, инсајдерски информации што и како ќе се случува во државава? И не сметаат дека треба да ги споделат со јавноста?
Но, какви и да се нивните „информации“, тие можат само да бидат црни, налудничави, недемократски, неевропски… Ако пак мислат дека ќе нѐ убедат во спротивното – грешат. Тоа апсолутно нема врска со човекови права, уште помалку со малцински права. Или, на пример, ако веќе сакаат да се споредуваат со Белгија, како во нашиот случај ќе го објаснат она „малечко“ но значајно „jus soli“ или дека граѓанството односно припадноста се детерминирани од местото на раѓањето? Што ќе се прави со онаа булумента косовари во Македонија кои глумат македонски албанци? И за чиешто присаство овде, досега, никој не поднесе сметка!? Ама таа стаса за наплата, нели?
Сепак, на крајот на денот, оваа баш и не е само-уште-една-глупост на дуи. Никако. Ако некој така размислува, особено оние „мудрецине“, тогаш ние имаме сериозен проблем. Зашто овде станува збор за поништување на целокупната современа историја од 1992 година наваму, сосе Уставот, законите, политичките определби итн. Дури, ако баш сакате, се соочуваме со конечна решеност да се дестабилизира државата, да се октроира „систем“ посакуван само од една мала група мафијаши со идеја за заштита на нивниот криминално стекнат имот, па дури и со непримерена алчност и одмаздољубивост за поразот, што на коцкарската маса ја става целата држава.
Уште пострашна е реалноста дека дел од македонската клиентелистичка „интелигенција“ не успева – или не сака – да ги препознае овие факти. За нив воскликот „Бараме целосна рамноправност“ веројатно е само детска игра којашто може да се сопре во миг.
Но, што ако не може, како во онаа 2001 година? Што ако не може?
И, да ја парафразирам Арент: што ако сето ова нема врска – а нема – со политички, идеолошки, етничко-национален… програм и човекови права, што ако станува збор за опседнатост со власт од страна на неталентирана криминогена група и нивната желба да приграбат дел од државата само за себе?
П.С.
И одеднаш, мерачите на вистините во Македонија, преку ноќ заклучуваат дека „Изјавите на ВМРО-ДПМНЕ за дестабилизација на државата од страна на ДУИ на есен можат да содржат еден грам вистина.“ Па што се бре овие луѓе, бакали, месари, бостанџии…, па и вистината ја мерат на – грамови?!
Извор: Теодосиевски уметност