НОВИНАРОТ ВИДИНОВСКИ ОД КАНАЛ 5 ПОД ЗАКАНИ Виктор Стојанов од бугарската фондација „Македонија“ му се заканува со „притвор“

Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија ги осудува заканите кон Александар Видиновски од страна на Виктор Стојанов и бара негова заштита.

1,518

Александар Видиновски, новинар на Канал 5, добива сериозни закани на Фејсбук, под објавата на својот Фејсбук профил на неговата репортажа од Пустец, Албанија. ССНМ бара надлежните да постапуваат по очигледната закана по безбедноста на новинарот.

Видиновски доби сериозни и застрашувачки закани од лицето Виктор Стојанов, кое има забрана за влез во Македонија на неопределено време, поради дејствија насочени против македонската држава. Тој го обвини Видиновски дека лаже и му се закани со притворање.






Стојанов е е претседател на бугарската фондација „Македонија“, кому лани му беше забранет влезот во Македонија на неодредено време, поради неговите провокации. Стојанов е еден од главните подбуцнувачи за влошувањето на односите меѓу Софија и Скопје, кој редовно упатува редица навреди кон овдешниве политичари и други личности.

ССНМ смета дека „слободата“ секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, па и во лична комуникација, добива на интензитет и затоа, брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивање на веќе востановената пракса. Ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници претставуваат и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите која е од јавен интерес.

Во исто време ССНМ бара од Министерството за надворешни работи да реагира до бугарското МНР бидејќи според договорот за добрососедство двете страни се обврзани да регистрираат и постапуваат по акти со говор на омраза кон другата страна.

 

 

Поврзани содржини