📷 ПОШТАТА Е БРЗА, САМО БАВНО СТИГНУВА Герила-акција пред Поштата во Скопје
Срамота е во 21-век да се губат пратки, да се враќаат на испраќачите, а секоја трета недела да не може да се испраќаат пратки од Македонија кон некои држави меѓу кои некои се и наши стратешки партнери – минатата година неколку месеци беше невозможно да се испрати каква било пратка за САД, велат од Центарот за современи уметности.
Скулптура од полжав кој носи торба со пошта постави Центарот за современи уметности пред Поштата кај Железничката станица во Скопје. Скулптурата е дел од герила акција која ја критикува поштата, но и дава поддршка за синдикатот на вработените во институцијата кои сакаат да креираат „функционално јавно претпријатие кое ќе ги задоволува потребите на граѓаните“.
„Состојбите во кои се наоѓа акционерското друштво во државна сопственост Пошта на Северна Македонија се повеќе од алармантни. Илјадници граѓани секојдневно лутаат по поштенските објекти и ги бараат своите препорачани пратки (сметки, казни за сообраќајни прекршоци, решенија, уверенија…), а откако нема да ги најдат се соочуваат со извршни решенија од извршителите. Од друга страна пак исто така илјадници граѓани со месеци ги чекаат и ги бараат своите платени нарачки од еBay, AliExpress, Amazon и слични страници за онлајн купување. Срамота е во 21-век да се губат пратки, да се враќаат на испраќачите, а секоја трета недела да не може да се испраќаат пратки од Македонија кон некои држави меѓу кои некои се и наши стратешки партнери – минатата година неколку месеци беше невозможно да се испрати каква било пратка за САД“, велат од Центарот за современи уметности.