НЕКОГАШ БЕШЕ ТЕНИСЕР БРОЈ 1, СЕГА Е САМО 647 ВО СВЕТОТ Рафаел Надал со новата објава ги загрижи навивачите
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал пред почетокот на турнирите на земјена подлога изјави дека не е сигурен дали ќе може да игра.
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал не може да се врати во старата форма и дали воопшто ќе може да игра. Последен турнир на кој настапи поранешниот светски рекет број еден беше турнирот во Бризбејн во јануари.
Но, таму беше запрен по две победи, а по елиминацијата и болката поради која се откажа од мечот, беше принуден да го откаже учеството на грен-слем турнирот Австралија опен, втора година по ред.
Шпанецот неодамна беше дел од ревијалниот меч во Лас Вегас заедно со сонародникот Карлос Алкараз, но по завршување реши да не учествува на Мастерсот во Индијан Велс и Мајами.
Надал сега уште повеќе ги загрижи навивачите со изјавата дека не знае кога повторно ќе се појави на теренот, токму пред почетокот на сезоната на земјена подлога, која важи за негова омилена.
– Првата цел е да се обидам да се натпреварувам и да одам чекор по чекор, ден за ден. Ќе дадам се од себе да се обидам да ја започнам сезоната на земјена подлога, што е мојата цел, работам на тоа и се трудам, но од сега што може да се случи… Веќе не се осмелувам да кажам било што затоа што во последно време ми е тешко да давам прогнози. За жал, така е – рече Надал.
Шпанскиот тенисер кој се соочува со серија проблеми со повредите, вели дека реалноста не му остава многу простор за оптимизам.
– Не е важно дали сум оптимист или не, јас сум реален. Поминаа година и пол или две откако е невозможно да се натпреварувам, така што првата цел е да се обидам да се натпреварувам и да одам ден за ден – истакнува Надал.
Поради огромната пауза што ја направи по операцијата и неиграњето поради повреди, Рафаел Надал кој некогаш беше најдобар тенисер во светот, моментално е само на 647. место на АТП листата.