СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА Министерството за култура ја собрало целата документација
Никој не претпоставуваше дека ќе треба да молиме за да ни се предаде целосната документација - рече министерката за култура Костадиновска Стојчевска.
Собрани се сите потребни документи за Универзалната сала во Скопје и веќе наредната недела изведувачот ќе почне со работа – информираше денеска на прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
– Никој не претпоставуваше дека ќе треба да молиме за да ни се предаде целосната документација затоа што и нам, на Министерството за култура, ни следуваат рокови. Ги собравме сите релевантни документи по подолгиот и потешкиот пат – рече Костадиновска Стојчевска на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.
Таа посочи дека останува уште да се потпише договорот за банкарска гаранција и веќе наредната недела изведувачот ќе почне со работа. Како што подвлече, процесот е затворен и ќе може да се почне со реконструкција.
– Веќе наредната недела изведувачот ќе почне да го расчистува објектот и да гради, затоа што ги имаме парите, ги обезбедивме и ги завршивме сите потребни процедури и крајно време е таму да започне работата – додаде Костадиновска Стојчевска.
Министерката не даде информација која е фирмата што ќе ја врши реконструкцијата на Универзалната сала и колку ќе чини целиот проект.