АМЕРИКАНЦИТЕ САКААТ СО НОН-ПЕЈПЕР СО АЛБАНСКИ ПОТПИСИ ДА ЈА ДРЖАТ НОВАТА ВЛАДА НА КРАТОК СИНЏИР Уставните измени услов за прогласување победа на изборите?

Аналитичарите предупредуваат дека доколку планот на странците се реализира, тогаш ќе се искомплицира составувањето на новата влада, па дури и може да се доведе во прашање нејзиното формирање, што ќе значи опасност од бугарско сценарио за Македонија, со неколкукратно повторување на избориот процес.

3,360

Албанските политички партии во земјава да потпишат нон-пејпер кој ќе претставува гарант дека нема да коалицираат со ниту една политичка партија која нема во план да ги спроведе уставните измени и која нема во план да ги внесе Бугарите во Преамбулата во првите 6 месеци по одржувањето на парламентарните избори.

Ова е главната причина поради којашто заменик-државниот генерален секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О Брајан, в понеделник на 22 јануари ќе слета во Скопје, а во чија актовка ќе бидат спремни неколку нон-пејпери за потпишување.






Аналитичарите предупредуваат дека доколку планот на странците се реализира, тогаш ќе се искомплицира составувањето на новата влада, па дури и може да се доведе во прашање нејзиното формирање, што ќе значи опасност од бугарско сценарио за Македонија со неколкукратно повторување на избориот процес.

Според политичките експерти со коишто разговараше Плусинфо, инсистирањето на Американците некои политички партии во земјава да потпишат нон-пејпер претставува директно мешање во внатрешните работи и е директен удар врз демократијата во Македонија.

Во поглед на албанските политички партии, на прашањето дали би прифатиле да потпишете таков нон-пејпер, од партијата на Али Ахмети „како од пушка“ одговараат – да!

Од Алијанса за Албанците велат дека токму уставните измени биле причината поради којашто ѝ дале една година на оваа власт.

„Алијанса за Албанците беше конзистентна во обезбедување на европската перспектива на нашите граѓани, за што последниот чекор е усвојувањето на уставните измени. Поради таа цел му дадовме и една година плус на актуелното мнозинство, за да им дадеме можност токму на уставните измени, а јавно сме кажале дека тоа ќе биде црвената линија за следните коалиции“, велат од Алијанса за Албанците за ТВ21.

Од албанската опозиција, односно од Европскиот сојуз за промени, сочинет од партиите Алтернатива, Беса и Демократско движење, велат дека не гледаат никаква потреба да потпишат нон-пејпер заедно со ДУИ.

„Не гледаме потреба да потпишеме некаков документ заедно со ДУИ, која и од меѓународниот фактор е оценета како главна пречка на ЕУ интеграциите на земјава. Ние би коалицирале со секоја партија која гарантира продолжување на евроинтеграциите“, порачаа од ЕСП.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека договори на штета на народот нема да има и порачуваат уставните измени да не се користат за популизам и за политички маркетинг.

Ако вие имате дел од политичките партии коишто заедно вкупно имаат околу петтина или шестина од вкупниот број пратеници, а притоа имаат таква моќ да ја одлучуваат судбината на државата во следниот мандат, тогаш се поставува прашањето зошто ни се изборите?

Владимир Божиновски Политички аналитичар

– Подобро е дел од албанските партии да потпишаат нон-пејпер, ама не за уставни измени. туку за осуда на криминалот и за одговорност за сите коишто го крадат народот и да соопштат економска програма за спас од сиромаштијата. Што се однесува на уставните измени, добро е оваа тема да не се користи за популизам и за маркетинг, како што тоа до сега го правеше власта која отворено лажеше дека има мнозинство, а јасно се виде дека не е ни близу до тоа – изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека ако веќе има нон-пејпер за уставни измени, тогаш нема потреба да има парламентарни избори.

– Инсистирањето на меѓународната заедница за некои политички партии да потпишат некаков нон-пејпер кој треба да претставува гаранција за идно коалицирање, односно некоалицирање, може многу лесно да предизвика нова политичка криза. Впрочем, зошто воопшто би одржувале парламентарни избори ако во игра се такви некакви нон-пејпери? Со ваквите нон-пејпери целосно се укинува демократијата во државата. Ако вие имате дел од политичките партии коишто заедно вкупно имаат околу петтина или шестина од вкупниот број пратеници, а притоа имаат таква моќ да одлучуваат за судбината на државата во следниот мандат, тогаш се поставува прашањето зошто ни се изборите? – прашува Божиновски.

Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, среда, кога ќе се одржи и вториот круг на претседателските избори.

Поврзани содржини