АКО САКА, КОВАЧЕВСКИ ВЕДНАШ МОЖЕ ДА ГИ РАЗБИЕ ГУЖВИТЕ ЗА ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ Пендаровски му возврати на премиерот дека сѐ е во негови раце
Доколку Владата смета дека предлогот е добар, може веднаш да започне иницијатива за негова реализација, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Нема потреба претседателот Стево Пендаровски да ѝ се јавува на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и да бара дозвола за пролонгирање на рокот за важност и за замена на личните документи и патните исправи.
Ваков одговор добивме од Кабинетот на претседателот откако премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција изјави дека Владата ќе може да постапува откако шефот на државата ќе има разговор со грчката претседателка.
Оттаму додаваат дека иако Владата може да започне иницијатива за пролонгирање на роковите, сепак Пендаровски е подготвен да искомуницира со претседателката на Грција.
– Претседателот Пендаровски даде предлог за пролонгирање на рокот за важност и замена на личните документи и патните исправи. Доколку Владата смета дека предлогот е добар, може веднаш да започне иницијатива за негова реализација. Преспанскиот договор е потпишан од министрите за надворешни работи, во име на владите на двете држави и размената на информации во таа смисла треба да се одвива во тие рамки. Со оглед на тоа што Преспанскиот договор е важен и во контекст на нашите преговори со Европската Унија информирањето кон Брисел треба да се одвива и преку Секретаријатот за европски прашања. Во рамки на севкупните напори на државата, претседателот Пендаровски е подготвен да даде свој придонес преку комуникација со претседателката на Хеленската Република – велат од Кабинетот на Пендаровски за Плусинфо.
Премиерот Ковачевски, пак, тврди дека процедурата за пролонгирање на рокот не може да започне пред да разговара нашиот претседател со претседателот на Грција.
– Владата ќе може да постапува откако претседателот Стево Пендаровски ќе има разговор со грчката претседателка Екатерини Сакеларопулу. Откако ќе нѐ информира претседателот, потоа ќе можеме да постапуваме – изјави денеска Ковачевски.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска истакна дека ќе предложи опција за пролонгирање на рокот за вадење лични документи.
– Имаме две опции. Едната опција е во Парламентот да се донесе закон со кој рокот ќе се продолжи и тоа е една од опциите. И втората опција што работи ВМРО-ДПМНЕ на што денеска ќе побарам поддршка од Извршниот и Централниот комитет е да се поднесе претставка пред Уставниот суд како суд кој се гризи за Уставот кој е над сите Закони и да се стави времена мерка на Законот од 2021-ва година да биде вон сила се до следно одлучување дали е тој уставен или не, а се однесува на патните исправи или пасошите. Доколку Уставниот суд е експресен како што видовме во минатото тогаш може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа времена мерка. Еве да не се сведе тоа на партиско политичка преписка во парламентот, судот Уставниот суд одговорен за Уставот да донесе времена мерка вон сила се до следно негово одлучување дали е уставен или не е уставен и на тој начин другиот ден ќе нема редици такви какви што има – заклучи Мицкоски.