ДОГОВОР ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ Примирјето меѓу Израел и Хамас продолжено за уште еден ден
Израелската војска соопшти дека примирјето ќе биде продолжено поради напорите на посредниците да го продолжат процесот на ослободување на заложниците во Газа во замена за палестинските затвореници.
Израел и Хамас се согласија да го продолжат примирјето за најмалку уште еден ден, неколку минути пред крајот на шестдневното примирје. Во соопштението на израелската војска се вели дека примирјето ќе биде продолжено поради напорите на посредниците да го продолжат процесот на ослободување на заложниците во Газа во замена за палестинските затвореници.
Хамас, кој вчера ослободи 16 заложници во замена за ослободување на 30 Палестинци од израелските затвори, во соопштението наведе дека примирјето ќе продолжи седми ден. Претходно, милитантната група која владее со Појасот Газа објави дека Израел одбил да прифати седум жени и деца кои ги држи Хамас како заложници, како и телата на уште три за кои палестинските милитанти тврдат дека биле убиени за време на израелското бомбардирање на енклавата, во замена за натамошно продолжување на примирјето.
Портпаролот на израелската војска Дорон Шпилман исто така претходно изјави дека не е постигнат договор за следните заложници што треба да бидат ослободени.
-Доколку истече оваа рамка, израелската армија е целосно позиционирана и подготвена да ги рестартира воените операции против Хамас во Појасот Газа – изјави портпаролот на израелската војска.
Повикувајќи се на официјални претставници, израелските медиуми објавија дека армијата ќе продолжи со нападите врз Газа во 7 часот по локално време, доколку владата дотогаш не добие список на заложници кои треба да бидат ослободени, а кој ги исполнуваат нејзините критериуми.
Вооруженото крило на Хамас им порача на своите борци во Појасот Газа да бидат подготвени да ја продолжат битката со Израел доколку привременото примирје не биде продолжено.
Како одговор на бруталниот напад на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 240 беа земени како заложници, Израел во последните седум недели до почетокот на примирјето, силно ја бомбардира Газа каде што се случува хуманитарна катастрофа. Според податоците на локалните власти, во Појасот Газа загинале повеќе од 15.000 луѓе, од кои 40% се деца.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст вчера соопшти дека успешно се ослободени и префрлени 16 заложници кои ги држела палестинската исламистичка група Хамас во Газа.
Црвениот крст, меѓународна хуманитарна организација со седиште во Швајцарија, оперативно посредува во ослободувањето на заложниците од Газа и Палестинците кои се чуваат во израелските центри за притвор, според условите на привременото примирје меѓу Израел и Хамас.
– Според условите на договорот постигнат со посредство на Катар, во замена ќе бидат ослободени 30 Палестинци, меѓу кои 16 малолетни лица и 14 жени – изјави во средата портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Мајед ал-Ансари.
Меѓу 16-те заложници ослободени во средата беше и Лиат Беинин, кој има и американско и израелско државјанство, а чие ослободување го потврди и американскиот претседател Џо Бајден.
Бајден рече дека Беинин ја преминал границата со Газа и дека е безбеден во Египет.