ОКОЛУ 1.000 СЛИКАЊА ДНЕВНО ВО НОВИОТ ПУНКТ НА МВР Ќе работи од 8 до 18 часот, можно е продолжување до 20 часот

Министерот информира дека на ниво на целата држава се заменети околу 1 милион и 50.000 патни исправи, околу 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи.

641

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР денеска го посети пунктот во полициската станица „Пролет“, кој денеска официјално започна со работа. Овде раѓаните може да се фотографираат за промена на лични документи без закажување.

Спасовски рече дека пунктот ќе работи од 8 до 18 часот, со можност за продолжување на работното време до 20 часот. Тој додаде дека според процените, дневно ќе бидат опслужувани 1.000 граѓани, по принципот „прв дојден, прв услужен“.






– За оваа цел во моментов имаме инсталирано 10 нови работни станици каде што можат граѓаните да се сликаат за нови лични документи. Системот е тестиран и овозможува околу илјада граѓани да бидат фотографирани – изјави Спасовски.

Министерот информираше дека на ниво на целата држава се заменети околу 1 милион и 50.000 патни исправи, околу 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи.

– Со една силна динамика го продолжуваме процесот во интерес на граѓаните навремено да ги остварат своите права и обврски. За поздравување е тоа што граѓаните од внатрешноста на државата имаат дури над 80 проценти од нив ги имаат променето личните документи – додаде Спасовски.

Тој упати порака до граѓаните да ја остварат својата обврска со овој забрзан систем за промена на личните документи, притоа да се почитува редот и дисциплината во објектот, а исто така замоли за трпение кај граѓаните, бидејќи секој ќе може да го оствари правото.

Министерот одговарајќи на новинарско прашање рече дека пунктот во „Пролет“ е од времен карактер кој има функција да овозможи побрз проток на граѓани. Кога ќе заврши целиот процес, тој смета дека повеќе нема да има потреба од него, туку граѓаните ќе можат да ги користат веќе актуелните во полициската станица „Беко“, во МРТВ, во Кисела Вода и во Ѓорче Петров.

Спасовски рече дека очекува на 30 ноември, за кога е предвидено Скопје целосно да биде блокирано поради одржувањето на средбата на министрите на ОБСЕ, новиот пункт, како и останатите други места за фотографирање и земање биометриски податоци да работат нормално, а единствен проблем на граѓаните ќе биде движењето по скопските улици.

 

📷 РЕДИЦИ ЗА СЛИКАЊЕ ПРЕД  ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА „ПРОЛЕТ“, СЕ ЧЕКА СО ЧАСОВИ Отворен пунктот на МВР за вадење лични документи без закажување

Поврзани содржини