БОЛИВИЈА ГИ ПРЕКИНА ДИПЛОМАТСКИТЕ ОДНОСИ СО ИЗРАЕЛ Осуда за агресивната воена офанзива во Газа
Боливија е меѓу првите земји кои активно ги прекинаа дипломатските односи со Израел поради војната во Газа, која Израел ја започна по крвавиот напад на Хамас на 7 октомври.
Владата на Боливија објави дека ги прекинува дипломатските односи со Израел, обвинувајќи ја земјата за злосторства против човештвото во нападите врз Појасот Газа.
– Владата одлучи да ги прекине дипломатските односи со државата Израел, како знак на отфрлање и осуда на агресивната и непропорционална воена офанзива на Израел во Појасот Газа – изјави заменик-министерот за надворешни работи на Боливија, Фреди Мамани.
Боливија веќе ги прекина дипломатските односи со Израел во 2009 година во знак на протест поради нејзините напади врз Појасот Газа. Во 2020 година, владата на претседателот Жанин Анез повторно ги воспостави врските.
Мамани додаде дека Боливија повикува на прекин на огнот и крај на „блокадата што го спречува влезот на храна, вода и други основни елементи за живот во Појасот Газа“.
Боливија е меѓу првите земји кои активно ги прекинаа дипломатските односи со Израел поради војната во Газа, која Израел ја започна по крвавиот напад на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа 1.400 лица, а 240 беа киднапирани.
Здравствените власти во Газа соопштија дека во израелскиот контранапад досега загинале 8.525 луѓе, меѓу кои 3.542 деца. Израел го обвинува Хамас дека користи цивилни згради за да ги скрие борците, командантите и оружјето, што Хамас го негира.